На 7 февруари 2020 година беше презентиран Првиот национален извештај од Матрицата за мониторинг на перформансите на Јавното обвинителство во Република Северна Македонија.

Националниот извештај беше презентиран во хотел Гарденија-Велес, во присуство на претставници од Советот на Јавниобвинители, Јавното обвинителство на РСМ и Министреството за правда. 

Националниот извештај за перформансите на ЈО директно произлегува од првото официјално и целосно мерење со Матрицата кое беше спроведено во декември 2019 година. Иако фокусот на ова истражување беше примарно на јавнообвинителскиот систем како целина, во рамките на истражувањето беа вклучени и поголем број заинтересирани страни односно целни групи кои имаат допирна точка со работата на обвинителството и чии перцепции даваат значаен придонес во градење на што пореална слика за состојбите и воопшто перформансите на јавното обвинителство.

Извештајот е еден од клучните продукти во рамки на проектот “Зголемена ефикасност и ефективност во испорака на правдата преку подобрување на перформансите на институциите во правосудството”. Проектот е имплементиран од страна на Центарот за правни истражувања и анализи - ЦПИА и PwC Северна Македонија, финансиран од UK aid преку Владата на Обединетото Кралство и истиот има за цел да дизајнира и воспостави во пракса релевантни алатки кои ќе ги поддржат реформските процеси со цел градење на поефикасен, поефективен и поекономичен пристап до правда за граѓаните, и како резултат на тоа подобрување на довербата во правосудните институции.