На 10 и 11 март во Академијата за судии и јавни обвинители се одржа по прв пат обука за спроведување на јавна расправа во управен спор за судиите од Управниот и Вишиот управен суд во рамки на проектот „Административна правда по европски стандарди.“

Целта за спроведување на еден ваков проект e согласно новите измени на Законот за управни спорови, остварување на идејата за унапредување на ефикасноста и транспарентноста на управното судство.

Во таа насока Центарот за правни истражувања и анализи, ја ангажираше судија Жељка Зрилиќ Јежек, од Управниот суд во Загреб која воедно го изработи и го презентираше Прирачникот за водење на јавна расправа во управен спор. Беа истакнати најважните аспекти од одржувањето на јавна расправа, односно подготовката на јавна расправа (претходното испитување на тужба, достава на одговор на тужба, закажување на јавна расправа), начелата на јавна расправа, изведување на докази во управен спор, сослушување на странки и одржување на редот.

 Говорници беа програмскиот раководител на ЦПИА, Жарко Хаџи Зафиров, директорката на Академијата за судии и јавни обвинителид-р Наташа Габер Дамјановска и почитуваната судија на Управниот суд во Загреб, Жељка Зрилиќ Јежек. Дискусијата ја отвори директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, д-р Наташа Габер Дамјановска и притоа истакна задоволство за меѓународната соработка и пред се интересот на судиите во линија на усовршување и унапредување на системот на управното судство.

Дискусијата со судиите од Управниот и Вишиот управен суд придонесе да се пренесат голем дел од регионалните и европските искуства и практики од областа на управното судство.

Ваквиот тип на обуки, во кои се вклучуваат меѓународни експерти и практики кои поминале низ сличен реформен процес се секогаш добредојдени бидејќи овозможуваат широк дискурс помеѓу стручната фела.  

Проектот ,,Административна правда по европски стандарди” е финансиран од Фондацијата отворено општество Македонија.