Центарот за правни истражувања и анализи подготви пет документи за јавни политики за подобрување на состојбите во правосудството.

Основата на овие документи се резултатите од Првиот национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите во правосудството  кое ЦПИА го спроведе во соработка со Судскиот совет на РСМ и Министерството за правда на РСМ. Документите за јавни политики се изработени како дел од програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија“, поддржана од Британската амбасада Скопје.

Препораките и предлозите кои произлегоа од овој процес се дел од збирката на документи за јавни политики кои беа подготвени од програмскиот тим на ЦПИА во соработка и координација со проф. др. Гордана Лажетиќ професор по кривично право, Гордана Дувњак новинар, Адис Хоџиќ меѓународен експерт по статистика, Стеван Павлески адвокат и поранешен јавен обвинител и проф. др. Демуш Бајрами професор по комуникологија.

Како до поголема ефикасност во судството? 

Документот за јавни политики „Како до поголема ефикасност во судството“ обезбедува сеопфатен преглед на клучните стратешки рамки и управувачки практики преку анализа на меѓународните модели за мерење на ефикасното работење на судовите. Збирот на препораки кои ги содржи овој документ за јавни политики, меѓудругото се состојат од  тримесечни и едногодишни циклуси на проценка на работењето и перформансите на судовите. 

Зајакнување на транспарентноста и отчетноста во судството 

Документот за јавни политики „Зајакнување на транспарентноста и отчетноста во судството“ ги анализира факторите кои влијаат врз начелото на јавност на судските постапки, јавната достапност на судските одлуки и информирање на јавноста и медиумите за работењето на судовите. Во таа насока, овој документ дава предлози и препораки за подобрување на пристапот на стручната и општата јавност до судските одлуки, транспарентноста и отчетноста во работењето на Судскиот совет на РСМ, користење на средствата за редовно и навремено информирање на јавноста и објавување на годишните извештаи за работењето како аспект за отчетноста во работата на судовите. 

Квалитет и ефект на судската правда 

Документот за јавни политики „Квалитет и ефект на судската правда“, нуди препораки и предлози за факторите кои влијаат врз квалитетот на судската правда, како што е системот на оценување на судиите, достапноста на ресурсите, обемот на работа, следењето на судската пракса на повисоките судови и праксата на Европскиот суд на човекови права. 

Неопходност од независност и непристрасност 

Документот за јавни политики „Неопходност од независност и непристрасност во судството“ ги анализира факторите кои влијаат во начинот на назначување на судиите и нивниот мандат, постоењето на законски ограничувања и спречувања на надворешни и внатрешни притисоци. Целта на овој пристап е зајакнување на улогата на судиите со интегритет, отсуство на предрасуди и пристрасност, а преку тоа и подобрување на квалитетот на судската правда и довербата во судството. 

Застапеноста на етничките заедници во правосудниот систем низ призмата на професионалното образование 

Документот за јавни политики „Застапеноста на етничките заедници во правосудниот систем низ призмата на професионалното образование“ нуди приказ на имплементацијата и ефектите од уставната обврска за обезбедување на правичната застапеност во судството. Препораките се во насока на ефикасна имплементација на оваа политика и истакнување на Академијата за судии и јавни обвинители како клучна институција за професионалниот развој на судиите.