Конференција на тема “Подобрување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на Јавното обвинителство”

Центарот за правни истражувања и анализи на ден 28.03.2023  година го организира завршниот настан во рамки на проектот ‘’ Развој и воведување Алатка за следење на перформансите во Јавнообвинителскиот систем во Северна Македонија ‘’. Проектот е финансиски подржан од Владата на Обединетото Кралство  под покровителство на Иницијативата за владеење на правото во Западен Балкан (WBROLI) и е резултат на континуинираната подршка која Обединетото Кралство ја дава за подобрување на правосудството во Република Северна Македонија.

Со Алатката за следење на перформансите во Јавнообвинителскиот систем во Северна Македонија ќе се поддржи македонскиот обвинителски систем во неговите напори да ја зголеми отчетноста, транспарентноста и ефикасноста. Алатката ќе овозможи мерење на перформансите на обвинителски систем, ќе ги идентификува неговите потреби и слабости и ќе поттикне креирање на поефикасни реформски мерки базирани на докази, а во согласност со меѓународно поставените стандарди.

На настанот присуствуваа јавни обвинители, членови на Советот на јавни обвинители, претставници од Министерството за правда и претставници од граѓанскиот сектор, а целта на нивното присуство беше да бидат запознаени со алатката, нејзиното функционирање и придобивките од нејзината примена.

Настанот со краток говор и поздрав кон присутните го отвори претседателката на Центарот за правни истражувања и анализи, Лидија Стојкова Зафировска. Tаа во својот говор го потенцираше значењето на алатката и придобивките од нејзината употреба во пракса. Технологијата денес нуди многу, па со правилна примена на алатката, од информациите со кои обвинителствата располагаат може да се добие вистинска слика за ситуацијата во која тие се наоѓаат и на што треба да се работи. На самиот крај таа се заблагодари на обвинителството за соработката и отвореноста со надеж дека во иднина и јавноста ќе добие поотворени информации.

Амбасадорот на Обединетото Kралство, Метју Лосон истакна дека Обединетото Кралство е долгогодишен поддржувач на реформите во правосудниот сектор во Северна Македонија и дека проектот е дел од континуираните напори за подобрување на одговорноста, ефикасноста и транспарентноста на јавното обвинителство. Тој истакна дека довербата во јавното обвинителство е на незавидно ниско ниво и дека борбата против корупција е голем предизвик, а за тој предизвик да се совлада потребно е силно, транспарентно и ефикасно обвинителство.

Министерот за правда, Кренар Лога во своето обраќање испрати јасна порака дека без да се има видливост во работата и резултатите кои се постигнуваат, без мерливи и квалитетни споредбени податоци во согласност со утврдени меѓународни стандарди и методологии, правдата останува слепа и нема. Тој го подржа развојот на алатката и напомена дека напорите не смее да се застанат тука, туку дека мора да се користат бенефитите кои технологијата може да ги понуди. Најави дека министерството активно ќе го следи процесот на имплементација и понуди безрезервна поддршка.

Свое излагање имаше и Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, кој во својот говор ги потенцираше многубројните проблеми со кои се соочува обвинителството, а не изостави да ги спомене и критиките како и недовербата на граѓаните. Тој истакна дека јавните обвинители работат во интерес на граѓаните, но за да тоа биде видливо неопходно е јавното обвинителство да ја подобри транспарентноста.

Настанот продолжи со излагањето на Антонио Јолевски, Претседател на Советот на јавни обвинители. Јолевски ја поздрави идејата за ваква алатка и повика во иднина да се најде начин таа да се доближи до јавноста за да се зголеми транспарентноста и довербата кон обвинителството. Тој истакна дека јавното обвинителство напорно работи, но се додека тоа не е прикажано на јавноста, довербата на граѓаните ќе остане ниска. Тој истакна дека токму оваа алатка може да биде средство преку кое јавноста ќе може да биде информирана за нивната работа.

Алатката за мерење на перформасите во јавното обвинителство ја претставија Професор Д-р. Гордана Лажетиќ и меѓународниот експерт за статистичка анализа Адис Хоџич.

Професорката Лажетиќ ја претстави моменталната ситуација, односно начинот на кој се спремаат годишните извештаи, времето потребно за изготвување на еден извештај, човечката сила која се вложува и на крај нивната употребна вредност. Реалната слика е дека годишните извештаи содржат премногу податоци, одземаат повеќе од 30 дена за да се изготват при што персоналот во тој период заостанува со друга работа. Таа потенцираше дека токму затоа се неопходни реформи. Оваа алатка ќе го олесни овој процес и ќе биде патоказот за евидентирање и решавање на проблемите на обвинителствата. Алатката е менаџерска затоа што овозможува детектирање на проблемите и недостатоците, па на некој начин ги дава насоките каде се потребни промени.

Адис Хоџич практично ја претстави алатката и сликовито го прикажа нејзиното функционирање. Потсети дека оваа алатка не е дизајнирана за обвинителите индивидуално да се оценуваат, туку за да се следи целокупната работа на обвинителството. Алатката работи според релевантни индикатори кои се така поставени што овозможуваат претставување на вистинската слика во дадено обвинителство. Примарна цел на алатката е истата континуирано и правилно да се користи за да се детектираат и решаваат проблемите со кои определено обвинителство се соочува, а доколку е потребно определени проблеми да се решаваат системски на ниво на цела територија.

Кристофер Маршал како претставник на Иницијативата за владеење на правото во Западен Балкан (WBROLI), го потенцира значењето на мониторинг алатката и бенефитите од нејзината примена. Алатката е подготвена во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи и како таква ќе биде од помош при донесување на менаџерски одлуки, а воедно ќе придонесе за забрзување на постапките. Тој ги истакна своите импресии од соработката со јавното обвинителство и нивната подготвеност за промени. Во својот говор Маршал на кратко ја престави и Иницијативата за владеење на правото во Западен Балкан и работата која тие ја постигнуваат во целиот  регион, при што главниот фокус е ставен на спречување  организираниот криминал и корупцијата. Тој потенцираше дека алатката како успешен пример може да биде подготвена и во други земји во регионот. На самиот крај тој им се заблагодари на обвинителите, Министерството за правда и ЦПИА за посветеноста, желбата за напредок и трудот кој се вложува, а секако ја искажа и благодарноста кон Британската амбасада која го овозможи и помогна овој проект.

По презентирањето и дискусијата во врска со алатката претседателката на ЦПИА ги поздрави сите присутни и уште еднаш се заблагодари на сите кои беа вклучени во проектот.

Ana
Share
This