Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) заедно со Институтот за човекови права (ИЧП) одржаа дводневен настан во Струмица за судиите и судските администратори од апелационото подрачје Штип.

Во текот на дводневниот настан присутните судии заедно со дел од вработените на судската администрација од судовите во Штипското апелационо подрачје споделуваа искуства од секојдневната пракса на судот.

Работилницата ја отвори Маргарита Николовска - Цаца претседател на Институтот за човекови права и даде краток осврт на претходните и тековните проектни активности заедно со програмскиот менаџер од Центар за правни истражувања и анализи Никола Јовановски.

Присутни кои исто така се обратија до присутните на отворањето на настанот беа и претседателот на Здружението на судската администрација – Сашо Темелкоски, а за првпат на овој настан се приклучија и претставници од Судскиот Совет на Република Северна Македонија, а беше претставен од страна на судија Сашко Георгиев. Во текот на своето излагање, претставникот од Судскиот совет ги истакна заложбите и реализираните активности на Судскиот Совет во изминатиот период и планираните идни активности.

На оваа втора работилница, од предвидените вкупно пет работилници, се дискутираше за теми од областа на ефикасноста, ефективноста и транспарентноста на работењето на судовите, од аспект на судиите и судската администрација. Цел на овие дискусии беа да ги приближат искуствата и да ги евидентираат несогласностите кои се појавуваат во текот на работењето и влијаат на горенаведените начела за успешно редовно работење.

Предавачи на овој дводневен настан беа директорката на Академијата за судии и јавни обвинители – Наташа Габер-Дамјановска, проф. Д-р Гордана Лажетиќ од Правниот факултет Јустинијан Први, Лидија Таневска Јадровска – Шеф на кабинет на Претседателот на Врховниот суд на РСМ и судија Лазар Нанев од ОС Кавадарци.

Во дводневната сесија, директорката на АСЈО Наташа Габер – Дамјановска се осврна на статусот на судиите (принципи и пракса) според меѓународните и домашните правни рамки, а во своето интерактивно излагање заедно со присутните дискутираа за случаи од праксата на ЕСЧП.

Професорката Гордана Лажетиќ од Правниот факултет Јустинијан Први во своето излагање ги опфати темите ,,Ресурси во судството како предуслов за ефективна судска правда како и темата ,,Управување со предмети во функција на интероперабилност‘‘.

Целта на овие работилници претставува, различните теми изложени од страна на предавачите да створат целина која покрај редовното работење на судиите и судската администрација, да ја подигне свеста за неопходноста за поголема интерна и екстерна комуникација на вработените во судските институции како и совладување на техники за справување со стресот и во секојдневието и професијата и организација на работата и работното време.

Судијата Лазар Нанев се произнесе во делот за транспарентност на судството, градењето на интегритетот на судиите, а посебно се осврна на АКМИС системот и дисциплинската наспроти етичката одговорност на судиите како сегменти на отпочнатиот процес на реформи на судскиот систем.

Во текот на наредната година ќе бидат одржани уште три работилници од овој вид, а заклучоците че бидат преточени во финален документ Заеднички протокол, каде ќе бидат предложени насоки за подобрување на ефикасноста и ефективноста на судството.

Овој проект е финансиран од страна на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.