На 2 март 2020 година во просториите на Врховниот суд беше потпишан Меморандум за формирање на Координативно тело за следење на конзистентноста и подобрување на легислативата.

Потписници на Меморандумот и притоа главни носители на ова Координативното тело за следење на конзистентноста и подобрувањето на легислативата се претседателите на високите судови во Северна Македонија. Меморандумот го потпишаа ВД претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија судија Фаик Арслани, претседателот на Вишиот управен суд судија Исмета Амет, ВД претседателот на Апелациониот суд Битола судија Љиљана Чочковска, претседателот на Апелациониот суд Гостивар судија Шефајет Хајдари, претседателот на Апелациониот суд Скопје судија Лидија Димчевска и претседателот на Апелациониот суд Штип судија Наке Георгиев.

Основна цел за воспоставување на Координативното тело е да ги утврди проблематичните и неприменливите законски одредби и да предложи решенија за нивно надминување преку веќе воспоставената судска пракса на повисоките судови. Главни надлежности на делување на Координативното тело е пред се да се воспостави и одржи редовна комуникација помеѓу високите судови која понатаму ќе резултира со идентификување на проблеми во однос на применливоста и невоедначеноста на одредени законски одредби, подготовка и предлагање на нормативни решенија за проблемите со неприменливите законски норми преку веќе воспоставената судска пракса на високите судови како и следење на конзистентноста на правните решенија.

Формирањето на Координативното тело е дел од активностите на Центарот за правни истражувања и анализи во рамките на проектот „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија“ финансиран од Британската амбасада Скопје.