Центарот за правни истражувања и анализи на 22 јануари организираше промоција на анализата „Отвореноста на судството во Република Северна Македонија“. Притоа овој настан претставува и отпочнување на иницијативата Отворено судство.

Настанот го отвори судијата на Врховниот суд и притоа Претседател на Здружението на судии д-р Џемали Саити, кој во улога на модератор на настанот накратко ја истакна важноста од овие средби и аналии и ги поздрави напорите на сите вклучени страни кои неуморно работат на реформите во правосудството.

Поздравно обраќање имаше Министерката за правда, д-р Рената Дескоска која ја потенцираше транспарентноста како основна но не и единствена карактеристика на еден отворен правосуден систем и укажа на тоа дека отвореноста претставува основа за градење на доверба на граѓаните кон институциите. Токму поради тоа, таа нагласи дека Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022) е ориентирана кон поголема транспарентност на судовите, за што говорат новините во Законот за Судскиот совет со кои несомнено се обезбедува поголема транспарентност на самиот Совет но и на судовите.

Амбасадорот на Велика Британија во Република Северна Македонија, г-ѓа Рејчел Галовеј ја поздрави Иницијативата за отворено судство и забележа несомнен напредок во реформата на судството во државата. Во своето изглагање, таа ја истакна важноста на отвореноста на судскиот систем од причини што “Правдата мора да биде видлива“ со цел да се обезбеди поголема  правна сигурност. Г-ѓа Галовеј потенцираше дека главните промени во системите се случуваат токму преку отворање на институциите кон граѓаните и токму поради тоа ќе продолжи поддршката на Велика Британија во овој сегмент.

На присутните гости им се обрати и ВД Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, судија Фаик Арслани кој ја истакна улогата на транспарентни и отворени институции во насока на зајакнување на борбата против корупцијата. Судијата Арслани заклучи дека токму специфичната улога на судството  во едно демократско општество е причина токму судството да влијае врз јавното мислење преку отворен систем и пристап што меѓудругото подразбира постојан канал на комуникација на судовите и судиите со средставата за јавно информирање.

Претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, судијата Киро Здравев во истакна дека Судскиот совет веќе ги спроведува препораките од главните забелешки за отвореноста и транспарентноста како дел од работата на Советот за што говори и донесувањето на новиот Закон за Судскиот совет и неговата достојна имплементација. Судија Здравев посочи дека најголемите забелешки од експертите на Европската комисија предводени од Рајнхард Прибе се однесуваа токму на транспарентноста и одговорноста на членовите на Судскиот совет и потенцира дека мора да се работи на независноста и ефективноста на судството, како и на редизајнирање на веб-страниците на судовите за да може полесно да се најдат бараните податоци од сите лица, а не само од адвокатите и судиите.

Претседателката на Центарот за правни истражувања и анализи г-ѓа Лидија Стојковска Зафировска ги поздрави присутните гости, и истакна дека судството треба да оди во чекор со дигиталната ера и неговата отвореност треба да се темели на познатите и утвредените сетови на стандарди и принципи кои важат насекаде низ светот. Таа се осврна и на Првиот национален извештај за реформите и перформансите на на судството во РСМ и додаде дека анкетата направена врз над 7.000 испитаници во рамките на проектот покажала дека јавноста има најлоша перцепција за независноста и отвореноста на судството, односно дека на оценувањето од 1 до 5, испитаниците ја оцениле отвореноста на судството со 2,6, а независноста со 2,2.

Во вториот дел на настанот, авторот на анализата,Константин Битраков, истражувач во МАНУ, ги презентираше наодите и препораките за отворено и транспарентно судство. Битраков истакна дека е потребно институциите да започнат доследно да ги остваруваат предвидените обврски, на ефикасен и видлив начин, со поддршка на стручни лица и организации, и во тесно партнерство со граѓанскиот сектор, кој има најдобар слух за потребите и за очекувањата на јавноста од работата на правосудните органи и институциите, а со крајна цел за јакнење на довербата во правосудството и правната држава.

Настанот беше заокружен со излагањата на Гордана Гапиќ - Димитровска, национален координатор за Отворено владино партнерство, и на Жарко Хаџи-Зафиров, програмски раководител во Центарот, кои говореа за идните чекори на иницијативата Отворено судство како дел од Отвореното владино партнерство.

Г-ѓа Гапиќ истакна дека по отпочнувањето на Отвореното владино пратнерство во 2012 година со изработка на акциски планови за Владата, преку приклучувањето на Парламентот во 2018 година, е вистинско задоволство да се сведочи и приклучувањето на судството на оваа иницијатива со што сите три власти воСеверна Македонија се обрзуваат на веќе воспоставени стандарди за отворено работење на институциите. Г-ѓа Гапиќ – Димитровска нагласи дека по успешното спроведување на оваа активност, Северна Македонија ќе биде една од ретките држави во светот и апсолутен предводник во регионот и Европа која функционира со отвореност насите три власти кон граѓаните.

На крајот се обрати и Жарко Хаџи-Зафиров, програмски раководител во Центарот кој потсети дека преку доследна имплементација на оваа иницијатива ќе имаме можност да ги слушнеме и позитивните страни од судското работење кои не се релевантно презентирани во јавноста, анесомнено постојат и на истите треба да им биде дадено признание.

Анализата и самата организација на настанот е дел од програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста во судскиот систем во Северна Македонија“ која ја имплементира Центарот за правни истражувања и аналзи и е финансирана од Британската амбасада Скопје.

Анализата е достапна на следниот линк:

https://cpia.mk/otvorenost-na-sudstvoto-vo-republika-severna-makedonija