На 2-ри април 2019 година, Центарот за правни истражувања и анализи во партнерство со Институтот за човекови права го промовираше проектот „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството“.

Соработници на проектот се „Здружението на судии на Република Северна Македонија“ како и „Здружението на судска администрација на Република Северна Македонија“, кои беа дел од настанот и ја презентираа својата улога во проектот. Проектот е дел од ИПА II 2014 грантовата шема ,,Зајакнување на влијанието на граѓанското општество за ефективни реформи во правниот сектор‘‘.

Претседателите на здруженијата имаа свои излагања за содржината и целта на проектот. На конференцијата присутни гости беа Министерката за правда – Рената Дескоска, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер – Дамјановска, a подетален осврт и опис за наредните планирани активности дадоа Лидија Стојкова Зафировска - претседател на ЦПИА и Маргарита Цаца Николовска - претседател на ИЧП, како и претседателот на Здружението на судии  на Република Северна Македонија д-р Џемали Саити и претседателот на  Здружението на судска администрација на Република Северна Македонија Борче Мирчески.

Со помош на активностите предвидени во овој проект, кој беше поздравен и препознат од сите засегнати страни, ќе се овозможи следење на активностите предвидени во Акцискиот план за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година, нивното остварување и исполнување преку посебни активности т.е. изготвување методологија и квартални состаноци на Советодавната група составена од здруженија од граѓанскиот сектор кои работат во областа на правосудството. Во текот на траењето на проектот ќе бидат одржани повеќе работилници за зајакнување на капацитетите на судиите и судскиот персонал, како и соработниците во правосудниот сектор, пропратени со дополнителни активности

Овој проект ја промовира активната соработка на здруженијата на граѓани од областа на правосудството заедно со стручните здруженија за постигнување на подобро судско работење, подобрување на ефикасноста, одговорноста и транспарентноста во судството преку партиципативен пристап на засегнатите страни.

Проектот е финансиран од ЕУ преку Секторот за централно финансирање и склучување договори при Министерството за финансии на РСМ.

(фото: МИА)