Во рамките на проектот „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Македонија“, подржана од Британската амбасада Скопје, Центарот за правни истражувања и анализи го објави Првиот национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите во правосудството. 

Овој извештај е резултат од првото национално мерење спроведено преку Матрицата на индикатори за следење на правосудните реформи која е предвидена како механизам во Стратегијата за реформа на правосудството 2017-2022 година во делот на Стратешкото планирање и креирање на политиките. 

Со цел да се добие вистинска и реална слика околу перформансите на правосудството, или пак одреден специфичен аспект поврзан со функционирањето на судскиот систем, во овој извештај беа анализирани 1) перцепциите на релевантни целни групи (преку користење на Матрицата), 2) правната рамка и релевантните извештаи (домашни и меѓународни) кои го следат судството и текот на реформите во правосудството, и 3) податоците од правосудните институции (судовите, Судскиот совет, Министерството за правда, Врховниот  суд, Академијата за судии и јавни обвинители, Здружението на судии и сл.). Во овој процес учество земаа повеќе од 3000 испитаници од правосудните институции (судии, судска служба, јавни обвинители), адвокати, нотари, извршители, државни правобранители, медијатори но и физичките лица како странки во судските постапки.

Редовното и циклусно имплементирање на Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите во правосудството ќе послужи за мерење на реформските процеси низ определен временски период, преку дијагностицирање на проблеми и пречки со кои се соочува правосудството. Крајната цел на ваквиот пристап е да се оценат и поттикнат понатамошни реформи во системот на правдата кон обезбедување на правна сигурност, но и за зголемување на довербата кај граѓаните во судството. 

Целосниот извештај можете да го преземете на следниот линк:

Прв национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите во правосудството.pdf