
На 6 ноември 2023 година, Центарот за правни истражувања и анализи, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, во рамки на проектот „Унапредување на квалитетот и одговорноста на Македонскиот правосуден сектор“, одржа уште една обука од серијата обуки на тема ,,Улогата и потребните вештини на туторите на новоизбраните и унапредени судии”. Овој пат обуката беше наменета за учениците од VII генерација во АЈПП со цел да се запознаат со концептот на туторство и можностите што ги нуди, обуката се одржа во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители.

Како веќе обучени судии, свои излагања имаа: судијката Љубица Колиќ од Основниот граѓански суд – Скопје, која сподели дел од споредбените искуства, додека судијката Наталија Донева – Основен граѓански суд – Скопје направи разлика помеѓу поимите ментор и тутор, и во продолжение, судијката Тања Милева од Апелациониот суд – Скопје зборуваше за начинот и постапката за поддршка на работата на новоизбраниот судија од страна на судот преку овластени лица – тутори.

Целта на обуката беше да се споделат искуствата на веќе обучените тутори (судии) кои учествуваа на обуката за тутори за новоизбрани и унапредени судии, која ја спроведе холандскиот судија и претседател на судот во Зволе, Холандија г. Берт Ман и специјалистот за обука на судии, Марина Наумовска – Милевска.
Обуката беше можност веќе обучените судии да ги споделат своите искуства со своите помлади колеги, со идеја дека ќе ги искористат знаењата и можностите што ќе ги понуди една ваква програма.