
На 13.11.2023 година, Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, во рамките на проектот ,, Унапредување на квалитетот и одговорноста на Македонскиот правосуден сектор’’ , ја одржа последната обука од серијата обуки на тема ,,Улогата и потребните вештини на туторите на новоизбрани и унапредени судии’’. Овој пат обуката беше намената за слушателите на VII генерација во АСЈО со цел истите да бидат запознаени со концептот на туторство и можностите кои истото ги нуди, обуката беше одржана во просториите на АСЈО.

Обуката започна со кратко претставување, препораки и прашања од страна на судијата Ѓорѓи Андонов и адвокатот Александар Гоџо, и двајцата во својство на искусни правници од својата област. По излагања на Андонов и Гоџо, сега веќе избраните судии, поранешни слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители се претставија и ги споделија своите први впечатоци и искуства како новоизбрани судии.
Во својство на веќе обучен судија, свое излагање и презентација имаше судијата Ѓорѓи Андонов – в.д. претседател на Основен суд Штип, кој сподели дел од компаративните искуства и успешни искуства од Европа. По излагањето на судијата Андонов и кратката дискусија со слушателите, судијата Габриела Гајдова од Основниот суд Велес го претстави самиот концепт на тутор, улогата која туторот би ја имал во развојот на новоизбраните и унапредени судии, а дел од своето излагање го посвети и на потребните квалификации за еден искусен судија да може да стане тутор. Дополнително, судијата Билјана Коцевска од Основниот кривичен суд во Скопје ја потенцираше разликата помеѓу менторството и туторството и бенефициите кои втората опција може да ги понуди.

Обуката беше можност веќе обучените судии да ги споделат своите искуства со помладите колеги, со идеја токму тие да го искористат знаењето и можностите кои ваквата програма ќе ги понуди.