Денеска во просториите на Врховниот суд на Република Северна Македонија беше основан Советот за отворено судство. Во рамки на настанот беше потпишана и Декларацијата за Отворено судство, од страна на членовите на Советот на отворено судство.
Советот за Отворено судство претставува тело во кое членуваат по еден претставник од сите судски инстанци и претставници на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители како и претставници од шест здруженија на граѓани.
Декларацијата за Отворено судство како дел од програмата Партнерство за отворена власт претставува заложба која има за цел да придонесе кон зголемено граѓанско учество и зголемен пристап од страна на граѓаните во однос на работата на судството во Република Северна Македонија.
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во своето обраќање истакна дека отвореното судство е клучно за зголемување на позитивната перцепција, а со тоа и за зголемена доверба на граѓаните во однос на работата на судовите.
„Врховниот суд на РСМ како носител на судската власт ја има и должноста да обезбеди воедначена примена на законите што е предуслов за еднаква правда за сите граѓани заснована на воспоставена судска практика со што ќе се почитува начелото на правна сигурност, но во исто време ќе се обезбеди и отвореност на податоците и работата на судовите како институции кои се надлежни за правораздавање“, нагласи Адеми.
На денешниот настан обраќање имаше и програмскиот раководител од Центарот за правни истражувања и анализи, г-дин Жарко Хаџи–Зафиров, кој истакна дека Советот за отворено судство има за цел ја зајакне транспарентноста и отвореноста на судството, но и да даде придонес во кохабитацијата на трите власти, законодавна, извршна и судска.
Исто така, на настанот се обрати и г-дин Paul Maassen, претставник од Партнерството за отворена власт, кој посочи дека основањето на Советот е во духот на партнерството за отворена власт и претставува пример за отвореноста на судскиот систем кон граѓаните и кон граѓанскиот сектор.