Центарот за правни истражувања и анализи го презентираше Првиот национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите во правосудството пред претставниците на останатите правни професии и граѓанските организации.
Настанот го отвори професорот Игор Камбовски кој ги поздрави присутните и честиташе за сработениот извештај. Тој истакна дека владеењето на правото е значаен концепт кој треба да се следи при спроведувањето на реформите во правосудството и додаде дека преку анализа на овие вредносни области за правосудството поставени се првичните основи за мерење на напредокот и перформансите на судскиот систем.
Никола Јовановски, програмски менаџер во ЦПИА ја објасни методологијата на првото национално мерење. Тој дополни дека респонзивноста од сите категории на целни групи е висока, но особено индикативна е респонзивноста од повеќе од 70% од судиите, стручната служба и јавните обвинители.
Лидија Стојкова Зафировска, Жарко Алексов и Александар Гоџо правни експерти кои се автори на извештајот ги презентираа наодите од петте области кои беа евалуирани преку анализа на перцепциите, правната рамка и домашните и меѓународните извештаи за функционирањето на судството.
Според наодите, судовите имаат недостиг од судска служба, но имаат високо ниво на ефикасност. Во оваа насока, беше нотирано дека информатичката инфраструктура во судовите не е соодветна, брза, сигурна и лесно достапна. Поделеност во ставовите на категориите испитаници има и во областа на транспарентноста и отчетноста, особено во поглед на пристапот до судските одлуки и објавувањето на одлуките на Судскиот совет.
Во областа за квалитетот на судската правда, забележано е дека се потребни подобрувања во примената на процесните закони и Судскиот деловник. Во таа насока, со цел обезбедување на воедначена примена на правото забележана е потребата од дополнителни механизми за следење на воспоставената судска пракса од повисоките судови, начелните ставови и правни мислења, особено во делот на праксата на ЕСЧП.
Независноста и непристрасноста е најниско оценета област на евалуација со Матрицата на индикатори со заедничка средна оценка од 2.2. од сите категории на испитаници. На настанот беше истакнато дека според наодите, изборот и разрешувањето на судиите се предмет на притисоци и влијанија однадвор и дека не постои објективност и транспарентност во процесот. Во голема мера, наодите во оваа област се усогласени со перцепциите на сите вклучени страни во процесот. Од друга страна, според најголемиот дел од судиите критериумите за оцена на нивната работа не влијаат на обврската да судат во согласност со законите и другите прописи. Кај најголем број од испитаниците адвокати преовладува мислењето дека критериумите за оценување на судиите влијаат на тоа како ќе судат, а исто така сметаат и една третина од јавните обвинители. Професионалниот развој задолжително треба да се специјализира и да продолжи да ги следи трендовите и потребите на правосудството. Соодветната застапеност по основ на пол, возраст и етничка припадност е на солидно ниво, но постои потреба од избор на судии од ромска етничка припадност.
Извештајот е резултат од првото национално мерење спроведено преку Матрицата на индикатори за следење на правосудните реформи која е предвидена како механизам во Стратегијата за реформа на правосудството 2017-2022 година во делот на Стратешкото планирање и креирање на политиките.
Извештајот е подготвен во рамки на проектот „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста во судскиот систем во Македонија“ имплементиран од ЦПИА, и поддржан од Британската амбасада Скопје.