
Република Северна Македонија е земја со исклучително природно богатство – од високи планини и кристално чисти езера до разновидна флора и фауна кои го оформуваат нејзиниот единствен еколошки идентитет. Овие ресурси не се само убави пејзажи – тие се основа за квалитетен живот и одржлив економски развој.
Препознавајќи ја оваа вредност, државата изминативе децении изгради цврста правна и институционална рамка за заштита на природата, вклучувајќи ги Уставот, Законот за заштита на природата и Законот за животна средина. Преку овие инструменти, се штитат загрозените видови и нивните живеалишта, се промовира одржливо користење на ресурсите, и се воспоставуваат заштитени подрачја.
Дополнително, Северна Македонија активно соработува и на меѓународно ниво, преку конвенции како Бернската, Бонската и Рамсарската, и се стреми кон усогласување со европските еколошки стандарди како дел од евроинтегративниот процес.
Во овој документ за јавни политики „Заштита на природата во Република Северна Македонија“, се анализираат досегашните достигнувања и предизвици, институционалните капацитети и механизмите за финансирање. Вклучени се и компаративни примери од регионот и конкретни препораки за подобрување на заштитата на природата кај нас.
Но, најновите настани не потсетуваат дека заштитата на природата не смее да остане само на хартија. Разорните пожари кои овие денови ја зафатија нашата земја брутално го уништуваат природното наследство градено со векови. Шуми, живеалишта и цели еко-системи исчезнуваат за неколку часа, оставајќи зад себе пепел и тишина. Ова не е само климатска појава – ова е и предупредување. Ако продолжиме да ја занемаруваме природата, ќе ја изгубиме не само неа, туку и сопствената иднина.
Да не дозволиме нашата негрижа, неодговорно однесување или институционална неефикасност да бидат причината поради која ќе изгубиме нешто што нема замена.
Преку овој документ, се отвара простор за поширока јавна дебата, со цел зајакнување на нашата колективна одговорност кон зачувување на природното наследство – за сегашните и идните генерации.
Овој документ е подготвен во рамки на проектот ,,Добро владеење во животната средина за Зелена агенда за Западен Балкан” финансиски подржан од Европската Унија.
Пристап до документот: Заштита на природата во Република Северна Македонија