Како да ги заштитиме приватноста и личните податоци на интернет? – работилници за средношколци

Како дел од заедничката кампања за подигнување на свеста за приватноста и заштитата на личните податоци на интернет, МЗМП и ЦПИА одржаа шест едукативни работилници во средните училишта во Скопје, Битола и Велес. Преку интерактивни сесии, реални примери и отворени дискусии, повеќе од 150 ученици се стекнаа со знаења за заштита од интернет измами, злоупотреби и препознавање на ризиците онлајн.

Нашата цел беше да ги поттикнеме младите да размислуваат критички за своето онлајн присуство и да стекнат практични вештини за заштита на личните податоци. Заеднички анализиравме вистински примери на онлајн измами и злоупотреба на лични податоци на интернет. Покрај тоа, работилниците им понудија на учениците конкретни насоки за идентификување и избегнување на ризиците.

   

   

Просторот за отворена дискусија им овозможи на младите да ги споделат своите искуства, предизвици и дилеми и ги поттикна да преземат активна улога во заштитата на својата дигитална приватност и безбедност.

Настаните потврдија дека младите имаат сериозна потреба од дополнителни информации и алатки за заштита на интернет. Учениците покажаа голем интерес за темата, а наставниците ја потенцираа важноста на ваквите иницијативи како дел од образовниот процес.

Работилниците беа реализирани во: СОЕУ „Јане Сандански“ – Битола, СОУ „Јосип Броз-Тито“ – Битола, СУГС „Шаип Јусуф“ – Скопје, ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ – Велес и СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ – Скопје.

Оваа активност е дел од проектот на Македонското здружение на млади правници и Центарот за правни истражувања и анализи – „Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот“, кој е финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Ana
Share
This