Во рамките на проектот ,,Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството‘‘ на 11-ти јуни во х. Александар Палас во Скопје се одржа ,,Конференција за ефикасноста на работата на судиите и судската администрација‘‘
Во рамките на проектот ,,Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството‘‘ реализиран од страна на Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Институтот за човекови права (ИЧП) на 11-ти јуни во х. Александар Палас во Скопје беше одржана конференција за ,,Ефикасноста на работата на судиите и судската администрација‘‘.
Настанот го отвори претседателот на ИЧП – Маргарита Николовска Цаца при што ја истакна важноста на проектот во поглед на соработката со судската администрација во насока на подобрување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на судството.
На конференцијата беше присутен и министерот за правда Бојан Маричиќ и притоа ги истакна достигнувањата и напредокот во реформите на правосудството во Република Северна Македонија во последните меѓународни извештаи.
Заедно со нив, претставникот на ЦПИА Александар Гоџо, се осврна на дел од проектните активности и ја објасни важноста од спроведувањето на проекти кои во својот фокус ја имаат соработката со судската администрација. Гоџо истакна дека како ‘‘крвоток‘‘ на судството и остварувањето на правата на граѓаните, реформите во судската администрација мора да се завршат час поскоро со цел за зголемување на перформансите на судството во целост.
Претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, се заблагодари на носителите на овој проект и плодната соработка со засегнатите страни, затоа што спрегата судии-судска администрација е нераскинлива и клучна за успешна соработка.
Во поздравното обраќање, претседателот на Здружението на судската администрација, ги истакна актуелните и идни предизвици во судството, мерки кои треба да се превземат и да се пристапи кон зголемена функционалност и интероперабилност на судовите и останатите органи на државната управа.
Во првата панел дискусија, говорниците Југослав Ѓорѓиевски и судијата Ѓорѓи Андонов претседател на ОС Штип, презентираа дел од наодите претставени низ проектните публикации.
Ѓорѓиевски го објасни статусот на судските службеници и законските прописи со кои е регулиран до 2000-та година, а потоа ги објасни новите прописи т.е. законот за државните службеници. Судската служба за првпат е регулирана во правниот систем на Р. Македонија со законот за судската служба каде биле утврдени правата, статустот, должностите и одговорностите на вработените во судската администрација.
Со овој модел судската служба резултирала со повисоки достигнувања во поглед на ефикасноста и солиднирезултати во работењето.
Судијата Андонов ги презентираше резултатите од истражувањето спроведено на судската администрација од 2019-та година кое беше спроведено на повеќе од 2500 вработени во судската администрација (линк).
Во вториот панел дискусијата ја отвори судијата Лазар Нанев, претседател на ОС Кавадарци. Судијата Нанев се произнесе во однос на најавените реформи во правосудството т.е. влијанието на ИКТ развојот врз ефикасноста на судската администрација. Оттука ги објасни идните мерки кои Владата и Министерството за правда ги преземаат со цел за имплементација на развиен ИКТ систем и зголемена интероперабилноста на судовите со останатите органи на државната управа.
Како последен говорник на конференцијата се обрати и Адис Хоџиќ, Виш советник при Високиот судски и обвинителски Совет на БиХ.
Во неговото излагање ја нагласи важноста на човечките ресурси како клучен фактор во спроведувањето на сите политики за подобрување на работата на правосудството. Преку компаративна анализа и примери од практиката на земјите во регионот и земјите од ЕУ воедно, ги објасни состојбите и чекорите кои постапно би требало да се имплементираат со цел за успешна имплементација на ИКТ и интероперабилноста.
После излагањата на панел дискусиите од страна на присутните се оствари плодна дебата на која беа изразени мислења за состојбите и мерките кои треба да се преземат од страна на практичарите т.е. вработените во судската администрација.
На овој настан, како и на самиот проект, фокусот беше даден на судската администрација со што присутните нагласија задоволство и волја за понатамошна соработка на овој проект.
Настанот го модерираше Горица Наџинска од Центарот за правни истражувања и анализи.
На настанот беа присутни 40 лица пришто беа запазени сите мерки и протоколи за заштита од КОВИД-19.
Овој проект е финансиран од страна на Европската Унија и ко-финансиран од страна на Британската амбасада во Скопје.