Најголемото заштитено подрачје во државата, националниот парк Маврово, својот статус на заштитено подрачје го добило во 1949 година, кога Народното Собрание на НР Македонија да ги прогласило шумските предели околу Мавровско поле за национален нарк. Но, денес Маврово се соочува со опасност засекогаш да ги загуби највредните атрибути поради кои и ја заслужило заштитата бидејќи нема правно заокружен статус на национален парк.
Законот за заштита на природата, донесен во 2004 година, и неговите измени и дополнувањата од 2013 година создадоа законска обврска за државата да изврши репрогласување на постоечките национални паркови. Но, за разлика од националните паркови Пелистер и Галичица, кај кои процесот веќе е заокружен, а во меѓувреме, минатата, 2021 година беше донесен закон за прогласување и на четвртиот национален парк во земјава, Шар планина, Маврово, сѐ уште има нерешен статус.
Подрачјето на Националниот парк Маврово е дом на 50 видови на цицачи; 129 видови птици, 11 видови водоземци (од вкупно 15 видови во Македонија), 24 видови на влечуги (од вкупно 32 во Македонија) и 924 видови на без’рбетници. Од нив, 11 видови на цицачи, 45 видови птици, 2 водоземци и 13 видови влечуги според Бернската конвенција спаѓаат во строго заштитени животни. Исто така, Националниот парк е Емералд подрачје, односно идно Натура 2000 подрачје – дел од европската мрежа на заштитени подрачја. Националниот парк Маврово на светско ниво е препознаен како едно од последните хабитати на балканскиот рис (lynx lynx balcanicus), критично загрозен животински вид во светски рамки.
Каде заглави процесот на репрогласување на НП Маврово?
Процесот на репрогласување на еден национален парк се состои од следниве фази: изработка на Студија за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје, изработка на план за управување со заштитеното подрачје, јавна расправа и, конечно, донесување на закон за (ре) прогласување на заштитено подрачје [1].
Сегашниот статус на процесот на репрогласување на НП Маврово е заглавен на самиот почеток, поточно кај изработката на Студијата за ревалоризација на заштитеното подрачје. Всушност, кон крајот на 2011 година била изработена Студија за ревалоризација на заштитеното подрачје Маврово, но работите тука застанале, а одговорот зошто е тоа така никој децидно не го дава.
„Оваа студија и претставува стар документ од 10 години кој не содржи податоци за реалната состојба со природното наследство на националниот парк. МЖСПП побара од ЈУ НП Маврово да ја дополни и ревидира Студијата во однос на предлог-надворешни граници и предлог-зонирање со наративни описи на секоја од предлог зоните и ГИС податоци, како и со наведување на податоци за проценка на статусот на живеалиштата и за видовите од национално и ЕУ значење, која ја рефлектира нивната тековна состојба и потреба во согласност со мониторингот што го спроведува ЈУНП Маврово“, стои во одговорот добиен од Министерството за животна средина.
Случајно или не, застојот во процесот на репрогласување на Маврово за национален парк, се совпаѓа со почетоците на засилена урбанизација на просторот околу Мавровското езеро, како и на разработката на планови за изградба на инфраструктурни објекти на територијата која сега ја зафаќа НП Маврово, конкретно изградба на мали хидроелектрани со зафаќање на планинските водотеци во рамките на заштитеното подрачје. Најголеми според обемот беа проектите ХЕЦ Бошков Мост и ХЕЦ Луково Поле, но освен нив Владата има издадено концесии за уште 20 мали хидроцентрали. Од нив, четири се веќе изградени, додека изградбата на останатите 16 е во статус кво, поради отпор на локалното население (како, на пример, за изградба на три мали хидроцентрали во Жировница) или како резултат на подигнатиот глас на јавноста. Сепак, Владата на неколку концесионери со години упорно им ги продолжува концесиските договори.
Хидроенергетските проекти Бошков Мост и Луково Поле се ставени во мирување откако главните финансиери, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Светската Банка се откажаа од нивно финансирање, под притисок на јавноста и научната фела и на преку 100 илјади собрани потписи. Проектот Бошков Мост предвидуваше целосно искористување на хидропотенцијалот на Мала Река, односно нејзините притоки Тресонче, Росоки, Лазарополска река, Валовница, Гарска, Звончица и Белешница [2].
Луково Поле, пак, предвидуваше зафаќање на корабските водотеци, меѓу кои најзначајна е долината на Длабока Река со Пројфелскиот водопад, едно од последните диви автентични букови прашуми во Европа. Проблемот, на кој укажуваа бројни еколошки активисти и претставници на научната фела, е дека изградбата на овој енергетски проект требаше да опфати големо подрачје на националниот парк Маврово, трајно менувајќи ги и уништувајќи ги хабитатите на бројните заштитени растителни и животински видови, меѓу кои и на балканскиот рис. За важноста на долината на Длабока Река доволно зборува податокот дека овој предел лани беше впишан во светското природно наследство од страна на УНЕСКО [3].
Долината на Длабока река ќе стане повторно актуелна деновиве [4], откако еколошките друштва ѝ се обратија на Владата со барање да не го продолжува Договорот за изградба на малата хидроцентрала „Рибничка 7“ во Националниот парк Маврово и еднострано да го раскине договорот за оваа хидроцентрала, чијашто локација се наоѓа во непосредна близина на УНЕСКО пределот и буковите прашуми на долината, повикувајќи се на заклучоците и препораките што за НП Маврово ги донесе Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција. Концесискиот договор е склучен во 2015 година и тој истекува на 7 мај годинава.
Што вели Бернската Конвенција?
Република Северна Македонија ја ратификуваше Бернската Конвенција во 1997 година и таа е дел од домашната законска рамка, а со тоа е обврзувачки меѓународен правен инструмент на полето на зачувување на природата. Комитетот во два наврати донесе заклучоци и препораки до македонската Влада за Националниот парк Маврово да се откаже од изградбата на хидроенергетски проекти. Првиот пат тоа беше во 2015 година [5], а потоа повторно во декември 2021 година [6]. Конвенцијата побара од Владата да ги откаже сите одобрени и планирани хидроелектрани во заштитени подрачја во државата, но и оние надвор, кои можат да имаат влијание на заштитените зони. Препораката на Бернската Конвенција се однесува за сите енергетски објекти кои добиле концесии, но сѐ уште не се изградиле, за кои се очекува Владата да ги раскине договорите.
Од вкупно 13 препораки на Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција од 2021 година до Владата на Северна Македонија, би ги издвоиле следниве:
-итно суспендирање на одобрени концесии и оние планирани за изградба и спроведување забрана на хидроцентрали во национални паркови, заштитени подрачја, УНЕСКО локалитети и други кандидатски локалитети за Емералд подрачја (потенцијални идни локации на Натура 2000), бидејќи нивното спроведување ќе предизвика проблеми со усогласеноста со Бернската конвенција;
-спроведување на новите меѓународни стандарди за забрана на хидроцентрали во светот кај УНЕСКО локалитети, и да се обезбеди длабинска анализа за заштитените подрачја; да се обезбеди еколошки воден проток на рекичките и да се спречи прекумерното повлекување на водата во потоците во рамките на или кои имаат влијание врз Националниот парк Маврово, другите заштитени подрачја;
-да се обезбеди основно финансирање за работењето и управувањето со националните паркови во Северна Македонија да доаѓа од државниот буџет, а не од прекумерната експлоатација на природни ресурси и други неодржливи извори на финансирање;
-да се забрза процесот на подготовка на студијата за валоризација за Националниот парк Маврово, зголемување на напорите за завршување на процес на повторно прогласување и усвојување на нов закон за Националниот парк Маврово и подготовка на ефективен и сеопфатен план за управување со паркот;
-да се осигура дека нема дополнителни проширувања за апликации за легализација на објекти кои се изградени без дозвола во Националниот парк Маврово, другите заштитени подрачја и локалитетите на светското наследство.
Битка за спас на Маврово
Уште во 2013 година, откако беше најавена изградбата на Бошков Мост и на Луково Поле, граѓанската организација „Еко-свест“ поднесе жалба до Конвенцијата, стравувајќи дека изградбата на овие хидро-проекти ќе го уништи паркот. Во тој период Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN ) усвои Резолуција со која се бара проектот за хидроцентрала во Маврово да се напушти. Две години подоцна, во 2015 година, Бернската Конвенција побара од македонските власти да ги суспендираат сите планови за изградба на малите хидроцентрали во Маврово и сериозно да ги разгледа сите кумулативни ефекти од планираните инфраструктурни проекти во рамките на овој национален парк, повикувајќи ги истовремено меѓународните финансиски институции во иднина да ги разгледаат убаво стратешките оценки за нивното влијание врз животната средина пред да се одлучат да финансираат такви проекти.
Како одговор на овие барања, тогашниот премиер Зоран Заев во неколку наврати излезе со став [7] дека ќе се стопира изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја, дека ќе ги преиспитуваат сите поединечни концесии за мали хидроцентрали и дека нема да се издаваат нови дозволи. Сепак, јавноста дозна за повлекување на концесиска дозвола за само е една од трите мали ХЕЦ на Жировничка река, Жировница 3, но на крајот на 2020 година Владата им ги продолжи концесиските договори за Жировница 5 и 6, со образложение дека концесионерот не можел да го исполни својот дел од договорот бидејќи бил „попречуван од локалното население“.
„Сите концесионери кои имаат валидни концесиски договори, можат еден ден да градат, доколку за тоа добијат градежна дозвола од општината. Сè додека Владата ги продолжува договорите со инвеститорите, останува опасноста за изградба на малите хидроцентрали“ е ставот на „Еко-Свест“.
На прашањето упатено до Владата- до каде е со реализацијата на препораките на Бернската Конвенција за Маврово, добивме одговор да се обратиме до Министерството за животна средина и просторно планирање. Од Министерството, пак, добивме одговор дека се преговара со донатори за обезбедување пари за доработка на Студијата за ревалоризација од 2011. Ревидираната и дополнета Студија за Маврово, откако ќе биде одобрена од Управниот одбор на НП Маврово и заедно со ревидираниот Каталог на видови регистрирани на територијата на НП Маврово, треба да се достави до ресорното Министерство и до Националниот совет за заштита на природа за мислење.
Токму оваа студија и предлог законот за Маврово кој врз основ на таа студија бил подготвен и го предизвикаа застојот околу репрогласувањето на Маврово за национален парк. „Направени се повеќе обиди да се одглави процесот на репрогласување на паркот“, вели, директорот на НП Маврово, Самир Ајдини. Според него клучен проблем во целиот овој процес е зонирањето, каде што во сегашната Студија во 2016 година било изменето зонирањето на националниот парк само за да да се вклопат малите хидроцентрали, кои се планирани. „Ние како менаџмент на паркот со ова не се согласуваме“, вели Ајдини, и додава: „Бараме зонирањето да остане како во верзијата од 2011 година, што значи да не се градат хидроцентрали заради девастацијата на просторот што се прави на местото на изградба, и заради тоа што капацитетот на водните ресурси не е добро и точно утврден. Ова го поткрепуваме со податоците за капацитетот на водите кои се стари околу 40 години и не кореспондираат со фактичката состојба“.
Малите хидроцентрали и урбанизацијата- причина за застојот во заштитата на Маврово
“Врз основа на искуството со нашите институции и имајќи го предвид историјатот на настаните, нашата претпоставка е дека се избегнува носење на закон кој ќе оневозможи реализација на планираните мали хидроцентрали“, велат од еколошката организација „Фронт 21/42“. Токму директната вклученост на Бернската Конвенција во заштитата на НП Маврово досега спречувала да се донесе закон кој ќе биде во функција на проектите Бошков мост и особено Луково Поле, кои требало да се градат во зоната на строга заштита, а за таа цел тој простор требало да биде деградиран во зона со најниска заштита. Таквите обиди да се озакони уништување на паркот, ја поттикнале Бернската Конвенција го отвори случајот за Маврово, потсетуваат од „Фронт 21/42“.
За жал, изградбата на малите хидроцентрали не се и единствениот облик на узурпација и деградација на природните вредности на мавровскиот предел. Во последните години засилената урбанизација на делови од НП Маврово [8], посебно во туристичко-рекреативниот центар Маврово и крај Мавровското езеро претставува значителна опасност за ова заштитено подрачје. Огромни повеќекатници на местото на некогашните пасишта и селски куќи во селото Маврово, изградба на мегаломански комплекси на луксузни вили во селото Леуново, во склоп на хотелот „Радика“ со дозволи за градба издадени од општина Маврово Ростуше без да се запази законската обврска за барање на согласност од Министерството за животна средина и од управата на националниот парк Маврово, се само некои од примерите каде изминативе години се изигрувани законите и занемарувани обврските кои произлегуваат од нив, кога е во прашање националниот парк Маврово.
„Поради недостиг од нов закон за НП Маврово и нов план за управување, не постојат и ново-утврдени граници на трите зони на паркот, па оттука излегува идеална можност да се врши урбанизација на заштитеното подрачје“, сметаат од „Еко-Свест“. Но, можеби оваа состојба се должи и на фактот што дозволите за градба ги издава општината без притоа да побара мислење или став од страна на управата на заштитеното подрачје, што е спротивно законот, се додава во одговорот на „Еко-Свест“, на прашањето каква е врската помеѓу урбанизацијата на Маврово и неисполнетата обврска на државата да го ревалоризира и репрогласи ова заштитено подрачје за национален парк.
Дали е дојдено време државата конечно да престане да се оглушува на законските обврски, но и на обврските и препораките на странските организации за заштита на животинскиот свет и на последните европски природни хабитати, чија членка, со сите права и обврски е и нашата земја, само за да ги заштити интересите на одредена групација која профитира од експлоатацијата на вонредните природни вредности на Маврово? Сериозно сработена Студија за ревалоризација на природните вредности на НП Маврово, а потоа и донесување на закон кој ќе ги рефлектира тие вредности и ќе ги постави основите за нивна заштита е единствениот начин да се заштити националниот парк Маврово како едно од највредните жаришта на биодиверзитетот на овој дел на Балканот, а неговата убавина да остане достапна и за идните поколенија.
Користена литература:
- МЖСПП: Закон за заштита на природата (2004), со измените на законот: https://www.moepp.gov.mk/%d1%80%d0%b5%d0%b3%d1%83%d0%bb%d0%b0%d1%82%d0%b8%d0%b2%d0%b0/%d0%bd%d0%b0%d1%86%d0%b8%d0%be%d0%bd%d0%b0%d0%bb%d0%bd%d0%be-%d0%b7%d0%b0%d0%ba%d0%be%d0%bd%d0%be%d0%b4%d0%b0%d0%b2%d1%81%d1%82%d0%b2%d0%be/%d0%b7%d0%b0%d1%88%d1%82%d0%b8%d1%82%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%b8%d1%80%d0%be%d0%b4%d0%b0%d1%82%d0%b0-2/
- Нова ТВ: Досие Луково Поле и Бошков Мост: https://novatv.mk/dosie-lukovo-pole-i-boshkov-most/
- Слободен Печат: УНЕСКО им оддаде признание, но државата слабо ги штити девствените шуми на Кораб : https://www.slobodenpecat.mk/unesko-im-oddade-priznanie-no-drzhavata-slabo-gi-shtiti-devstvenite-shumi-na-korab-s%D1%90-ushte-vo-opasnost/
- Мета: Владата да го раскине договорот за мала хидроцентрала во НП „Маврово“: https://meta.mk/vladata-da-go-raskine-dogovorot-za-mala-hidrocentrala-vo-np-mavrovo-baraat-ekologisti-i-profesori/
- CONVENTION ON THE CONSERVATION OF EUROPEAN WILDLIFE AND NATURAL HABITATS: RECOMMENDATION NO. 184 (2015) ON THE PLANNED HYDROPOWER PLANTS ON THE TERRITORY OF THE MAVROVO NATIONAL PARK (“THE FORMER YUGOSLAV REPUBLIC OF MACEDONIA”): https://rm.coe.int/1680746676
- Convention on the Conservation of European Wildlife and Natural Habitats, Recommendation No. 211 (2021) of the Standing Committee, adopted on 3rd December 2021: https://rm.coe.int/2021-rec-211e-north-macedonia-case-files/1680a4c288
- Balkan Green Energy News: Severna Makedonija ce ponistiti koncesije za male hidrocentrale: https://balkangreenenergynews.com/rs/severna-makedonija-ce-ponistiti-koncesije-za-male-hidroelektrane/
- Слободен Печат: Урбанизацијата го гази Маврово: Станбени комплекси среде пасишта и шуми: https://www.slobodenpecat.mk/urbanizaczijata-go-gazi-mavrovo-stanbeni-kompleksi-srede-pasishta-i-shumi/
Автор: Југослава Дуковска