Обуки на тема: „Дискриминација по основ на раса и етничка припадност, говор на омраза и криминал од омраза со посебен фокус на дискриминацијата кон Ромите“

Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Здружението на правници Роми од Скопје, во рамките на  проектот „Еднакви пред судот – безбедни во животот“ во соработка Правниот факултет при Универзитетот ,,Гоце Делчев„ – Штип, на 11 и 12 декември спроведоа  обуки за зајакнување на знаeњата на  студентите по право  на тема: „Дискриминација по основ на раса и етничка припадност, говор на омраза и криминал од омраза со посебен фокус на дискриминацијата кон Ромите“.

Дводневните обуки на Правниот факултет во Штип ги посетија над 50 студенти вклучувајќи студенти од дисперзирана група на правни студии од Струмица. Обработените темите на обуките се однесуваа на Дискриминација врз основа на етничка припадност, раса и боја; Што е дискриминација и како да се препознае; Постапка за заштита од дискриминација пред Комисијата за заштита од дискриминација; Дискриминаторско однесување спрема Ромите со практични пример; Говор на омраза и криминал од омраза кон Ромите. Во рамките на обуката беа анализирани и пресуди во врска со дискриминација од судската пракса на Европскиот суд за човекови права. Обуките беа спроведени од експертите проф. Др. Јован Ананиев и адвокат Жарко Хаџи-Зафиров.

Целта на обуките е да се постигне зголемена свест, знаење и сензибилизација на младите студенти по право кај кои како идни судии, јавни обвинители и адвокати е неопходно да се развие правната култура. Поддршката на развојот на знаењата на младите правници е тесно поврзана со подобар иден пристап до правдата за жртвите на дискриминација, бидејќи ја подига свеста за постоењето на предрасуди и стереотипи и се однесува на пријавување случаи на дискриминација, спречување на идна дискриминација и промовирање на еднакво општество.Центарот за правни истражувања и анализи и Здружението на правници Роми во соработка со правните факултети (Правен факултет при УГД – Штип, Правен факултет при УЈИЕ – Тетово и Правен факултет ,,Јустинијан Први„ при св. Кирил и Методиј) во наредниот прериод ќе одржат уште 4 вакви обуки на студентите од правните факултети.

Gorica Nadjinska
Share
This