Во ера кога дигиталната трансформација го преобликува секој аспект од нашите животи, императивот за заштита на личните податоци никогаш не бил поважен. Оваа итност е особено изразена кога се зема предвид улогата на судството во почитувањето на законите за заштита на личните податоци и потребата да се заштити нашата најранлива популација – младите, од безбројните ризици што ги носи дигиталниот свет.
Токму во тоа светло, Центарот за правни истражувања и анализи организираше настан за одбележување на Европскиот ден за заштита на личните податоци под наслов „Зајакнување на судството и заштита на младите луѓе во дигиталната ера“. Настанот беше организиран во рамки на проектот “Eфикасна правда за заштита на правото на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот”.
Заштитата на личните податоци и приватноста се темел на демократското општество. Како афирмација на нашите заложби за креирање правни системи кои служат за најдоброиот интерес на граѓаните, мора да создаваме право кое ќе биде во чекор и постојано ќе се приспособува кон напредокот на технологијата, кажа Евроамбасадорот Дејвид Гир. Европската комисија во последниот извештај за прогресот на нашата држава во областа на заштита на личните податоци и приватноста, нотира задоволителен напредок во тој поглед, но потребата од обука на вработените во јавниот и приватниот сектор кои се бават со обработка на лични податоци е истакната како клучен предизвик – додава Гир.
„Заштитата на личните податоци освен законска обврска, бара негување култура и свест за развојот на оваа сфера. Треба сите, поединечно и како заедница, да се однесуваме одговорно и да градиме безбедна дигитална средина за сите“ рече Имер Алиу, Директор, Агенција за заштита на личните податоци.
Тој истакна дека најголемиот проблем во поглед на законодавството во оваа област е тоа што стотици секторски закони не се усогласени со Законот за заштита на личните податоци. Потребна е сериозна институционална и Владина поддршка за забрзување на процесот на менување и дополнување на соодветните закони во согласност со Законот за заштита на личните податоци. Дополнително, во моментов се работи на нова Стратегија за заштита на личните податоци во која ќе бидат адресирани предизвиците кои ги носи напредокот на дигиталното општество – додаде тој.
Прашањето за динамиката помеѓу брзината на развојот на технологијата, приспособувањето на правото кон неа и шансите за злоупотреби и кривични дела кои во тој меѓупростор се отвораат го адресираше Г-а Наташа Габер-Дамјановска, Директорка на Академијата за судии и јавни обвинители. Потребен ни е институционален одговор и подгтотвен кадар кој ќе се справи со проблемите на современото живеење. Во тој поглед, Академијата за судии и обвинители ветува активно да ја подига свеста за важноста на заштитата на личните податоци и приватноста и да обезбедува контиунирано унапредување на програмата и курикуломот на Академијата.
Лидија Стојкова Зафировска, претседателка на извршниот одбор на Центар за правни истражувања и анализи, истакна дека е важно оваа тема да се разгледува од аспект на личноста. Секој човек заслужува да му се гарантирани некои вакви фундаментални права. Само така ќе направиме цврст систем кој ќе одговори на овие проблеми, рече таа.
Претседателката на Македонско здружение на млади правници, Александра Цветановска, сподели дека се фокусирани на зголемувањето на вештините и знаењето и истакна дека само со заедничка соработка помеѓу граѓанските организации и институциите ќе може да се работи на подобрување на состојбата.
Милена Јосифовска од Центарот за правни истражувања и анализи се осврна на главните резултати постигнати во изминатата година во рамки на европскиот проект: Водич за заштита на правотo на приватност во дигиталниот простор за правни професионалци, Анализа Празнини и предизвици за ефикасна правда за заштита на личните податоци и правото на приватност, Анализа за потреба од обуки за судии и јавни обвинители и Курикулум за обуки. Таа посочи дека во следната година ќе спроведат обуки за правосудството и продлабочени анализи за правото и технологијата вклучително и примена на вештачка интелигенција во правосудството.
Развојот на политиката на ЕУ во изминатиов период се повеќе се фокусира на заштита на младите луѓе во дигиталниот свет, нагласувајќи ја потребата за рамнотежа помеѓу иновациите и заштитата на приватноста. Колку повеќе технологијата ги трансформира нашите животи, особено на младите, толку повеќе се зголемува предизвикот да ги заштитиме младите и приватноста на децата – сподели Г-а Емес Савоиа-Келети, Службеник за заштита на личните податоци, Европска служба за надворешно дејствување.
„Правната рамка, предводена од документи како GDPR, Директивата за е-приватност и нови акти како Законот за дигитални услуги, ја нагласува посветеноста на ЕУ за создавање безбедна дигитална средина. Оваа заложба ја засилуваме со вложување заеднички напори, односно развој на иницијативи, усогласување на законодавството во Северна Македонија, со цел да бидеме посилни во борбата за заштита на личните податоци и приватноста на младите и децата во Европа“ – посочи таа.
На домашен план, на прашањето за празнините и предизвиците за ефикасна заштита на правото на приватност во дигитален простор, говореше Елена Мујоска – правен експерт. Таа се осврна на анализата “Празнини и предизвици за ефикасна правда за заштита на личните податоци и правото на приватност”, посочувајќи дека главниот проблем кој се провлекува е недостатокот на практична имплементација на законите и стратегиите кои се донесени, и недостатокот на кадар во Агенцијата за заштита на личните податоци.
Покрај ова, таа посочи и кон недоследности во судската пракса низ државата во поглед на случаи кои го засегаат правото на заштита на личните податоци и приватноста, кога за речиси иста ситуација, со исти околности, судовите носат различни пресуди.
На темата продолжи Г-а Ирена Бојаџиевска, Експерт за заштита на лични податоци, која повика на консултирање на меѓународната судска пракса, но и консултирање со домашните судии кои имаат искуство во таа област. Таа ја истакна потребата од создавање дигестиви на судски пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права и Европскиот суд на правдата кои во голема мера можат да им помогнат на судиите и обвинителите во постапување во случаи кога е потребна заштита на личните податоци и приватноста, но и апелира на вмрежување на судиите на домашно и меѓународно ниво со цел да има брза и лесна размена на знаење и искуства.
Токму на оваа линија се надоврза и Г-а Ева Сухрада Киршмаер, Судија во Федерален управен суд во Австрија, која зборувајќи за искуството во областа на заштита на личните податоци и приватноста во судството во Австрија го издвои проблемот на недоволна соработка и размена на знаења меѓу судиите на темата, кое е исклучително важно бидејќи станува збор за прашања кои се нови и за кои е потребно толкување. Таа се осврна и на преоптовареноста на правосудниот систем во Австрија од донесувањето на ЕУ Регулативата за заштита на податоците, и потребата од зголемување на капацитетите и на кадарот кој ќе ја работи оваа материја.
Г. Александар Гоџо, правен експерт, посочи кон истражување кое говори дека 84% од лицата кои имаат допир со технологија во еден момент од животот нивните лични податоци и приватност биле под закана во сајбер просторот. Гоџо е автор на Водичот за правни професионалци за заштита на правото на приватност во онлајн просторот во кој се содржани генерални поими од вокабуларот на дигиталната сфера и пресуди од меѓународната судска пракса. Водичот има за цел да им помогне на правните професионалци да се справат со прашања кои се се’ уште нови и да ги искристализираат своите знањеа и ставови на темата.
За тоа што би можеле да очекуваме на среден рок и за новата Стратегија за заштита на правото на приватност зборуваше Г-а Слободанка Славковска, Раководител на сектор и Главен супервизор во Агензијата за заштита на личните податоци. Таа извести дека до средината на оваа година би требало да се донесе новата Стратегија која ќе допринесе за зајакнување на правото на заштита на личните податоци следејки ги европски и меѓународните стандарди, и според која се предвидува усогласување на секторските закони со Законот за заштита на личните податоци. Таа посочи кон битноста на јакнење на капацитетите на кадарот кој ја работи оваа материја, особено меѓу судиите и обвинителите, кои ќе се едуцираат преку долгорочни програми на темата, а не еднодвневни обуки.
По крајот на оваа сесија се отвори плодна дискусија со прашања од публиката кои задираа во теми како проблеми со јурисдикција кога станува збор за ситуации во сајбер просторот, Конвенцијата од Будимпешта, и споделување на искуства и ставови на учесници од публиката.
Третата сесија модерирана од Младиот европски амбасадор Исак Мисини беше посветена на младите во дигиталниот свет, и имавме шанса да го слушнеме нивниот став во однос на тоа дали и колку се младите свесни за своите права. Прва говореше Маја Ужевска, Претседателка на ЕЛСА, која се осврна на истражувањето во врска со свесноста на младите правници за заштитата на личните податоци кое неодамна го спровеле во соработка со МЗМП. Истражувањето се состоело од кратки прашања од секојдневни ситуации кои задираат во правото на заштита на личните податоци, а на кои студентите покажале релативно непознавање на своите права. Ова зборува за неопходноста од унапредување и приспособување на образовните програми кои треба да им помогнат на младите да ги осознаат своите права и како да се заштитат при нивно прекршување.
Се надоврза Иван Дургутов, Млад европски амбасадор кој укажува дека во една демократија потребна е сеопфатна едукација која ќе почне од најрана возраст – „Дигитални права треба да знаат сите без оглед правници или не“ вели тој. Потребно е приспособување на јазикот и должината на прирачниците кои се често предолги и младите не ги разбираат, додава тој.
„Младите дури сега се запознаваат со законот за заштита на личните податоци, и што подразбира личен податок. Безбедноста добива нова димензија во ерата на дигитализација – најмладите се најранливи од сајбер напади, затоа најважна е едукацијата за нивните права од страна на родителите и наставниците во училиштата“ вели Елица Матевска, Млад европски амбасадор.
За крај, Сара Марковска, во својство на младински активист ја претстави кампањата за заштита на лични податоци на која заедно со уште 14 други активисти работеа во изминатиов период. Станува збор за кампања чија цел е младите (основци, средношколци и студенти) да научат повеќе за безбедноста и заштитата на своите лични податоци при користење на социјалните мрежи, бидејќи токму тие се оние кои најголем дел од своето време го минуваат таму. Не постоењето на формална програма која на младите ќе им овозможи запознавање со проблематика на личните податоци беше причина плус зошто ваквата кампања е неопходна. Идејата е веќе обучените активисти преку социјалните мрежи на неформален, лесно разбирлив начин да ги едуцираат младите за заштитата личните податоци онлајн.