ОДРЖАНА НАПРЕДНА ОБУКА ОД ОБЛАСТА НА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ НА ТЕМА „ФИНАНСИСКО РАЗУЗНАВАЊЕ, ПЕРЕЊЕ НА ПАРИ И КОНФИСКАЦИЈА“

Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, во рамки на проектот „Поддршка на македонскиот казнено-правен систем во зголемување на ефикасноста и ефективноста во борбата против организираниот криминал“, одржа дводневна напредна обука од областа на организираниот криминал наменета за јавни обвинители, судии и истражители на тема “Финансиско разузнавање, перење на пари и конфискација”.

Обуката започна со поздравни обраќања од Г-дин Даниел Филер, заменик Амбасадор на Британската Амбасада во Скопје, Г-дин Илир Исени, Заменик на Директорот на Академијата за судии и јавни обвинители и Кристофер Маршал претставник од Кемоникс.

По поздравните обраќања, обуката продолжи со предавањата на Марк Хефер, странски експерт за меѓународни финансиски истраги. Хефер зборуваше за актуелните трендови кои ги засегаат дигиталните докази, основите на криптовалутите и интелегенцијата со отворен код (OSINT).

Повеќе за криптовалутите истакна Александар Вујиќ, специјалист за AML/CFT и  сертифициран аналитичар за крипто валути. Во своето излагање Вујиќ зборуваше за напредни финансиски истраги кои вклучуваат крипто-средства во РСМ.

За крај на првиот ден од обуката заедничко обраќање имаа обвинителите Сајмон Клементс и Сузана Мирчевска. Беа споделени компаративни искуства за вештачење во предмети со организиран криминал и значењето на вештите лица и нивните наоди во вакви предмети. Дополнително, обвинителката Мирчевска ги сподели и предизвиците со наодите на вештите лица во пракса, почнувајќи од стручноста на лицата, па се до проблемите во регулативата.

Следниот ден, обуката повторно ја отвори Марк Хефер кој зборуваше за кривичното дело перење пари и гонењето на сторителите независно од друго сторено кривично дело за што се разви и дискусија за сличностите и разликите помеѓу правниот систем во Велика Британија и правниот систем во Македонија.

Свое излагање имаше и професорката Гордана Лажетиќ, која заедно со обвинителот Клементс се осврна на конфискацијата на имот, предизвиците и изнаоѓање решенија во нашето право како и компаративните искуства. Професорката Лажетиќ посебно внимание посвети на Законот за конфискација, неговите предности и слабости, а не изостави да ја начне и темата за улогата на Канцеларијата за наплата на средства (АРО), која иако како тело во рамките на Јавното обнителство на РСМ постои од 2019 година.

За сам крај на обуката, свое излагање имаше и судијата Билјана Коцевска, која посвети внимание на меѓународната соработка и правната рамка која го регулира овој институт.

Целта на обуката беше зајакнување на вештините на јавните обвинители, судиите и истражителите во борбата против организираниот криминал, a во согласност со најдобрите меѓународни практики. Оваа обука им овозможи на слушателите да ги прошират своите знаења од областа на финансиски истраги, дигитални докази, криптовалути, враќање на имот, перење пари и меѓународна правна помош како и децентрализирани финансии и улогата на вештаците во судските случаи.

Ana
Share
This