На 31 октомври, 2025 год., во х. Мериот во Скопје беше одржана Регионална конференција „Ефективно водење постапки пред Судот на правдата на Европската Унија и примена на Повелбата на Европската Унија за фундаментални права“, во рамки на проектот „Зајакнување на регионалната судска соработка во Западен Балкан за ефективни судски спорови пред Европскиот суд на правда и имплементација на Повелбата за фундаментални права на Европската Унија“ поддржан од Владата на Кралството Холандија.
Регионалната конференција имаше за цел да ги обедини претставниците на судските институции и академиите за судии и јавни обвинители од Северна Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора.
Конференцијата беше отворена со обраќања од страна на г-ѓа Алицја Сикора-Каледа, раководителка на Одделот за истражување и документација при Судот на правдата на Европската унија, Г-ѓа Бојана Босилкова од Министерството за правда на Република Северна Македонија, г. Барт де Брујн, регионален координатор за владеење на правото при Амбасадата на Кралството на Холандија во Србија и Црна Гора, г-ѓа Ирина Трајкоска-Стрезоски, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, и г-ѓа Лидија Стојкова-Зафировска, претседателка на Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).

По воведните обраќања, г-ѓа Алицја Сикора-Каледа одржа презентација на тема „Улогата на Судот на правдата на Европската Унија и нејзината релевантност за земјите кандидати за членство во ЕУ“. Во следната сесија беа презентирани главните наоди од документите на јавни политики „Упатства за водење постапки пред Судот на правдата на ЕУ за новите земји членки“ и „Предизвици за новите земји членки при примена на Повелбата на ЕУ за фундаментални права“, преку излагања на авторите и коавторите од четирите земји.

Во попладневниот дел од програмата се одржа панел-дискусија на која се разговараше за клучните предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот во примената на европското право и Повелбата за фундаментални права, како и за препораките и следните чекори за нивно подобрување.

