
Во просториите на МАНУ се одржа редовна средба на Платформата за еколошка правда, која ја отвори претседателот на Платформата, Никола Јовановски од ЦПИА. На отворањето кратки обраќања имаа и претставници од Expertise France, организација која имплементира проект во областа на животната средина во РСМ, при што беа споделени искуства и разгледани можности за идни соработки.
На средбата се пристапи кон гласање за пристапување на Македонското еколошко друштво (МЕД) во членството на Платформата. Иако МЕД досега активно придонесуваше во работата на Платформата, формално не беше дел од неа. Со едногласна одлука, организацијата беше примена за нова членка, со што се отвораат нови можности за продлабочување на соработката и размена на експертиза.
Александар Павлов од МЕД ја претстави долгогодишната работа на организацијата, ставајќи посебен акцент на нивните напори за зачувување на балканскиот рис – еден од најзагрозените цицачи во Европа и симбол на биолошката разновидност на регионот. Тој ги образложи предизвиците со кои се соочува оваа единка, како што се загубата и фрагментацијата на природните живеалишта, криволовот и недоволната примена на постојната законска рамка за заштита. Дополнително, Павлов ги презентираше активностите на МЕД во насока на следење на популацијата на рисот преку модерни научни методи (фотозамки, ГПС-ознаки и теренски истражувања), едукација на јавноста и соработка со институциите за подобрување на мерките за заштита.

Потоа, свое излагање имаше проф. д-р Марина Малиш Саздовска од Факултетот за безбедност, која се осврна на една од најактуелните теми во последниот период – пожарите. Во своето обраќање таа ја анализираше состојбата со зголемениот број на пожари на национално ниво, укажувајќи на клучните предизвици и слабости во системот за превенција и справување со вакви кризни ситуации. Со ова излагање, професорката Малиш Саздовска ја нагласи неопходноста од сеопфатна стратегија за подобро справување со пожарите, кои стануваат сè почеста и посериозна закана во текот на летните месеци низ целата територија на РСМ.

Средбата заврши со плодна дискусија меѓу присутните, при што беа изнесени низа идеи и предлози кои ќе се систематизираат во документ за јавни политики, како придонес на Платформата за унапредување на животната средина и еколошката правда во државата.