На 7 септември 2018 година, во просториите на Министерството за правда на Република Македонија, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Британска амбасада, Министерство за правда и ЦПИА.
Меморандумот беше потпишан од страна на Амбасадорот на Велика Британија во Македонија Рејчел Галовеј, министерката за правда Рената Дескоска и претседателката на Центарот за правни истражувања и анализи Лидија Стојкова Зафировска.
Целта на меморандумот е обезбедување на поддршка во клучните сектори од правниот систем на Република Македонија која што ќе им овозможи да ја имплементираат програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Македонија.“
Целта на прграмата е подобрување на перцепцијата и довербата на јавноста во правосудниот систем пред се преку зголемување на транспарентноста на судовите, како и преку поддршка на реформите и зголемување на капацитетите на судството.
Програмата има за цел спроведување на објективна проценка на напредокот на судските реформи во Македонија преку целосна примена на Матрицата за следење на напредокот на реформите во правосудството. Програмата работи и на зајакнување на правната сигурност во Република Македонија преку унификацирање на судската пракса и зајакнување на судските капацитети за доследна примена на правото, како и на зголемување на транспарентноста и отвореноста на судството.
Спроведувањето на програмата ја поддржува имплементацијата на стратешките цели дефинирани во „Стратегијата за реформи во судството во периодот 2017-2022“, како и приоритетите на Владата во однос на пристапот до правда предвидени во Програмата на Владата на Република Македонија (2017-2022).
Меморандумот стапи на сила со денот на неговото потпишување и ќе важи до 31 март 2020 година.