Почеток на првото национално мерење на перформансите на правосудството

Центарот за правни истражувања и анализи на 24 октомври 2018 година одржа прес конференција со цел официјално одбележување на почетокот на првото национално мерење на перформансите на правосудството.

Мерењето на перформансите на судството, Центарот го спроведува во соработка со Министерството за правда и Судскиот совет на Република Македонија, а во процесот ќе бидат вклучени сите клучни чинители во правосудството. Процесот на мерење на перформансите на судството е поддржан од Британската амбасада Скопје, во рамки на програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Македонија“.

Никола Јовановски, програмски менаџер во ЦПИА, истакна дека Матрицата како инструмент предвиден во Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017-2022 година, има за цел да  направи проценка на тековните состојби во правосудството, да се идентификуваат проблемите, силните страни во правосудството и секако да се дадат насоки кои области треба да се подобрат во согласност со меѓународните стандарди. Во истражувањето ќе бидат опфатени околу 7000 испитаници од сите целни групи. Воедно, тој истакна дека и покрај тоа што мерењето не опфаќа индивидуално оценување на судиите или јавните обвинители, целта е да се увиди која од целните групи каков став има по определено прашање.

Почетокот на првото национално мерење го поздрави државниот советник во Министерството за правда, д-р Љубица Караманди Попческа која истакна дека добиените податоци ќе ја постават основата за анализа на ефикасноста на правосудството и на тој начин ќе се креираат и наредните стратешки определби во правосудството. Таа воедно истакна и дека овој процес е од суштинско значење за Министерството за правда бидејќи ќе се одвива паралелно со скрининг процесот за Поглавјето 23- Правосудство и фундаментални права.

Врховниот судија Џемали Саити нагласи дека е неопходно да се направи проценка на тековните состојби во судството. Во таа насока, судијата Саити ја истакна и поддршката која Здружението на судии ја дава на Центарот во овој процес но и во сите идни активности.

Започнувајќи од 24 октомври до 14 ноември овој процес ќе ги опфати сите клучни страни во правосудството и тоа судии, судска администрација, јавните обвинители, државните правобранители, адвокати, медијатори, нотари, извршители, медиуми, физичките и правните лица како странки во судски постапки како и Академијата за обука за судии и јавни обвинители и невладиниот сектор. 

Целта на ова мерење е да ги измери перцепциите на сите засегнати страни и на тој начин да ја постави основата за системско оценување на перформансите во правосудството и ќе помогне при евалуација на реформите во овој сектор, што е подеднакво важно за процесот на преговарање на Република Македонија со Европската унија.

Податоците добиени од ова истражување ќе бидат споредени со податоците од Судскиот совет и Министерството за правда на РМ и меѓународните извештаи во однос на ЕУ. Првиот официјален извештај за мерењето на перформансите на правосудството ќе биде подготвен во февруари 2019 година. 

Gorica Nadjinska
Share
This