Презентација на истражување за видливоста на работата на Уставниот суд на Република Македонија

На 02 октомври во хотелот Солун во Скопје, Центарот за правни истражувања и анализи го промовираше истражувањето „Видливост на Уставниот суд при носење одлуки со посебен фокус кога одлучува за заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот“

Изработката на истражувањето е дел е проектот „Зголемена видливост на работата на Уставниот суд“ и е финансиран од Програмата на Цивика Мобилитас.

Во своето воведно обраќање Претседателот на Уставниот суд изрази задоволство од интересот кој го пројавил Центарот за работата на судот, истакнувајќи ги притоа своите ставови за напорите кои ги вложува судот за да ја подобри видливоста во неговата работата и пречките со кои се соочува, како и воостановената пракса. Последователно  Претседателката на Центарот се обрати на присутните и истакна дека главна цел на Истражувањето е да се зголеми видливоста на работата на Уставниот суд особено во делот на одржување на јавни расправи по барањата за заштита на права и слободи на човекот и граѓанинот предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на РМ.

Истражувањето беше презентирано од правниот истражувач Александра Цветановска и тоа вклучува анализа на податоците од годишните извештаи на Уставниот суд во однос на барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и сортирање на квантитативните податоци со број на одржани јавни расправи споредбено со постапувањето на Уставниот суд по предмети. Во рамките на ова истражување, беа спроведени кратки интервјуа со истакнати правни експерти. Интервјуата беа реализирани со цел да се добие одговор на прашањата и ставовите  во однос на видливоста на Уставниот суд, механизмите за подобрување на истите поврзано со одржувањeто на јавните расправи, одржувањето на jавни расправи како пракса, или пак исклучок, деловникот на Уставниот суд и параметрите при одлучувањето за одржувањето на јавни расправи во постапките по поднесени барања за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот. 

Сублимираните заклучоци покажуват дека Уставниот суд, навремено ги објавува сите свои одлуки и решенија на својата интернет страна. Одлуките и решенијата се лесно достапни и системот за пребарување е целосно функционален што придонесува значително за зголемување на видливоста на судот. Од извештаите на Уставниот суд може да се заклучи дека постои недоволен интерес од судот за неговата застапеноста во медиумите. На страната на судот нема информации за организирање на конференции за печат и издавање на билтени. Податоците добиени од Уставен суд на РМ укажуваат дека  во најголемиот број на постапките по поднесените барања за заштита на слободите и правата не се одржува јавна расправа.

По презентирањето на истражувањето беше отворена дискусија во насока за добивање препораки и решенија за добри практики со цел да се зајакне правната сигурност и да се подобри работата на Уставниот суд.

На настанот присуствуваа судиите и стручните соработници на Уставниот суд како и дел од интервјуираните експерти.

Gorica Nadjinska
Share
This