Презентација на Компаративната анализа на стратегии за справување со еколошки криминал и предлог новиот сет на кривични одредби во Кривичниот Законик

На 02.12.2021 Центарот за правни истражувања и анализи во хотел Арка ја презентираше  Компаративната анализа на стратегии за справување со еколошки криминал и предлог новиот сет на кривични одредби за заштита на животната средина во Кривичниот Законик. Презентацијата беше одржана во рамки на проектот „Проект за добро управување со животна средина“  финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на  Британска амбасада Скопје. На презентацијата присуствуваа членовите на Платформата за еколошка правда, граѓански организации и експерти кои работат во областа на заштитата на животната средина и членови на работната група за измени на Кривичниот Законик.

Презентацијата започна со воведно обраќање на програмскиот менаџер во ЦПИА, Никола Јовановски кој присутните ги запозна со целта на анализата и потребата од оваа компаративна анализа. Имено компаративната анализа на стратегии за справување со еколошки криминал дава преглед на механизмите за ефективна превенција и заштита на криминалот во животната средина и преглед на меѓународната практика на Европскиот суд за човекови права и Европскиот суд на правдата и правото на здрава животна средина.

Следно збор имаа авторите на анализата, техничкиот експерт М-р Марјан Михајлов и правниот експерт Проф. Д-р. Бобан Мисоски.

М-р Михајлов даде детален преглед на механизмите за ефективна превенција и заштита на криминалот во животната средина, како овој криминал е регулиран во ЕУ законодавството опфаќајќи ги искуствата  на Обединетото Кралство, Италија, Хрватска и Франција. Како едни од најголемите проблеми кои Михајлов ги идентификува се проблемите со идентификација на кривични дела во животната средина, проблеми со идентификување на криминалците, слабиот капацитет на извршните органи како и благата казнена политика.

Професорот Мисоски се задржа на состојбата во Р. Северна Македонија и ги презентираше наодите од емпириската анализа на судската практика во периодот од 01.01.2017 до 31.07.2021 анализирајќи ги пресудите за сторени кривични дела против животната средина и природата според: судот каде се пресудени, видот на пресуда, стореното кривично дело и вид на санкција и висина.

Во вториот дел од презентацијата адвокатот Емил Мифтари го презентираше новиот сет на предлог кривичните одредби кој изминатиот месец ги изработија заедно со проф. Олга Кошевалиска и биологот Ана Чоловиќ Лешоска со претходни консултации на две фокус групи со граѓанските организации кои работат во областа на животната средина и работната група за измени на кривичниот законик.

Во делот на отворената дискусија присутните изнесоа дека соработката на сите релевантни чинители е неопходна за ефективна и ефикасна заштита на заштита на животната средина.

Ana
Share
This