Одржана промоција на наставна програма за правна аргументација, структура и образложение на пресудите.
Центарот за правни истражувања и анализи, како дел од проектот „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија“ финансиран од Британската амбасада Скопје, подготви наставна програма односно курикулум за правна аргументација, структура и образложение на пресудите за потребите на основната и напредната обука во Академијата за судии и јавни обвинители. Наставната програма беше изработена од проф. д-р Гоце Наумовски, м-р Велимир Деловски и судија Мирјана Лазарова Трајковска.
Целта на наставната програма и самите обуки е подигнување на свеста на учесниците (претежно судии и нивни стручни соработници) за важноста на правилното структурирање и образложување на домашните пресуди за соодветната имплементација на правото на ЕСЧП, како и заради ефективна заштита на правата и слободите на граѓаните на национално ниво.Презентацијата на наставната програма се одржа на 25 април 2018 година во Академијата за судии и јавни обвинители. На промоцијата свое излагање имаa Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи, Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Мирјана Лазарова Трајковска, поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, која поконкретно говореше за правната аргументација, структурата и образложението на пресудите.