На 27 октомври 2021 година Центарот за правни истражувања и анализи го презентираше Документот за јавни политики за подобрување на состојбите во правосудството во РСМ, кој произлезе од Вториот национален извештај за мерење на перформансите и реформите во правосудството. Документот претставува сумирање на резултатите од Второто национално мерење преку предлагање на следните чекори и активности за реформа во секторот и подобрување на состојбите. На настанот присуствуваа претседателот и членовите на Судскиот совет, претставници од Министерството за правда и претседателите на апелационите судови во Република Северна Македонија.
Презентацијата започна со детално објаснување на секоја од областите на евалуација од Второто национално мерење и беа изнесени оценките за евалуација на секоја од областите засебно, а беше презентирана и компарација помеѓу резултатите од Првото и Второто мерење на реформите во правосудството, нагласувајќи дека судовите не бележат поголеми отстапувања во оценувањето на областите, што дополнително говори за напредокот на судството во интервал од две години.
Во делот посветен на транспарентноста и отчетноста функционирањето на судскиот портал односно електронското пребарување на веб страната на судовите беше посочен како еден од поголемите предизвици на судовите. Тука се вбројуваат не само донесените судски одлуки, туку и објавата на секојдневните соопштенија за работата на судот, кое влијае на постепеното враќање на довербата во судот од страна на граѓаните.
Во делот на ефикасност, беше нагласена важноста од постепено воведување на новина во судското работење, односно дигитална трансформација во мониторингот и евалуацијата на судовите, како сегмент кој би ја зголемил ефикасноста во целокупниот процес на фукционирање на судството. Процесот на дигитализација би претставувал алатка која ќе овозможува електронски детален преглед во работата на судовите, односно увид во приливот на предмети, заостатокот на предмети, стапката на решени предмети, по област, бројот на вкупно решени предмети во текот на една година, споредено со останатите години, како и бележење на напредокот на работата. Донесувањето на Методологија за дигитализација на судството преку лесно применлива апликација ќе овозможи брз преглед за состојбата на судството на дневна основа која што поскоро треба да биде имплементирана во судството и истата значително ќе ја олесни и истовремено поддржи примарната работа и функција на Судскиот совет.
Во однос на финансирањето на судскиот систем беше заклучено дека Законот за судски буџет треба да биде целосно применет, особено во делот на финансирањето на судскиот систем, без никакво интервенирање од страна на Министерството за финансии на РСМ, со цел реално да се оствари суштинската поделба на властите во државата.
Во делот на отворената дискусија, присутните се согласија дека моменталната состојба во судството е резултат на долгогодишното управување со судството, без длабок осврт и стремеж за надминување на проблемите. Учесниците зборуваа дека предизвиците би можеле да се решат единствено со заедничка заложба од страна на релевантните чинители и носители на функции во судовите и судските органи.