Презентација на Функционалната анализа и Планот за подобрување на состојбата на основните судови во Република Северна Македонија

На 18 ноември 2021 година, Центарот за правни истражувања и анализи ја презентираше Функционалната анализа и Планот за подобрување на состојбата на основните судови во Северна Македонија. Со оваа анализа се заокружува процесот на детален преглед на сите правосудни институции во државата, како основа за понатамошно сеопфатно и длабинско реформирање во правосудниот сектор, преку неколку клучни области: независност и непристрасност, ефикасност на основните судови, транспарентност и отчетност, квалитет на судска правда, човечки ресурси, технички услови и капацитети, достапност и користење на информатичко компјутерска технологија, финасирање на судството и родови перспективи.

На настанот присуствуваа претседателите и судските администратори на основните судови, претседателите на апелационите и управните судови во државата, претставници на Министерството за правда, како и останати претставнци од невладиниот сектор и правосудните институции во државата.

Претседателот на Врховниот суд на РСМ, судија Беса Адеми го поздрави целокупниот процес на опсежна анализа на состојбите на судовите, не само преку теоретско образложување, туку и преку теренски и непосреден увид во функционирањето на судовите со моменталните расположливи капацитети. Таа нагласи дека овој документ претставува стабилна подлога за креирање на новата стратегија за реформи во правосудството 2023 – 2027 година, давајќи јасен преглед на целокупната состојба на основите судови кои заземаат значаен дел од судскиот систем, притоа предлагајќи прецизни насоки за следните чекори во правосудството.

Министерот за правда г-дин Бојан Маричиќ изрази задоволство за долгогодишниот процес на соработка помеѓу Министерството за правда, Центарот за правни истражувања и аналзии и Британската амбасада во Скопје. Тој оцени дека Функционалната анализа и Планот за подобрување на основните судови ќе допринесе во стремежот за надминување на системските недостатоци во функционирање на судството, како добра основа во процесот на изменување на постоечките и донесување на нови процесни и системски закони во делот на правосудството. Министерот истакна дека наредната 2022 година носи поголем буџет за судството и зголемување на платите како на судиите и судската администрација, така и на јавните обвинители во државата.

Амбасадроката на Обединетото Краллство во Северна Македонија г-ѓа Рејчел Галовеј ја поздрави долгогодишната соработка помеѓу институциите, укажувајќи на важноста од подготвување на вакви анализи кои го конкретизираат процесот на реформи во правосудството, базиран на европски и меѓународни стандарди. Таа наведе дека напредокот на правосудството е видлив во сите сегменти од негово функционирање доколку се направи компарација со изминатите години и треба да се продолжат напорите и залагањата за подобрување на постојната состојба во судството.

Г-дин Џемали Саити, претседател на Здружението на судиите, нагласи дека Функционалната анализа и Планот за подобрување на основните судови претставуваат форма на рано детектирање на слабостите и воведување предлог мерки за тоа во која насока треба да се движат најрелевантните чинители во правосудниот сектор.

Претседателот на Основниот Граѓански суд во Скопје, судија Илир Сулејмани нагласи дека подготвувањето на оваа сеопфатна анализа овозможува темелно анализирање на функционирањето на судовите. Според него за подобрувањето на работењето на судовите потребно  е да се пополни бројот на судиите онака како што е предвидено, при што наведе дека конкретно во Граѓанскиот суд има голем недостаток во  бројот на судиите како и во тимот со кој работат судиите со што директно се доведува во прашање квалитетот на донесената одлука. Тој заклучи дека ваквиот процес на дискутирање помеѓу судиите може да доведе до изнаоѓање на конкретни решенија за подобрување на состојбата.

Г-дин Сашо Темелкоски, претседател на Здружението на судската администрација во РСМ, истакна дека изработката на оваа анализа преставува посебен предизвик за судовите и судската служба во делот на образложување на своите буџетски барања и проекции преку аргументирано застапување пред останатите две власти. Тој наведува дека Функционалната анализа и Планот за поодбрување се  значајна основа за препознавање на реалните проблеми како и дека  активносите кои се преземени досега не треба да завршат, бидејќи следи процес на набљлудување на реформите кои треба да бидат преземени согласно направените анализи. Тој исто така потенцираше дека судската служба продолжува да биде поддршка за сите понатамошни анализи и процеси на реформи во правосудството како и досега.

Г-ѓа Лидија Стојкова-Зафировска, претседател на Центарот за правни истражувања и анализи искажа благодарност на сите учесници во процесот на подготовката на Фунцкионалната анализа и Планот за подобрување на основните судови, нагласувајќи дека единствено заедничката заложба и ангажман на сите релевантни чинители вклучувајќи ги сите структури на вработени во судовите, може да резултира со кредибилен процес на реформи и унапредување на правосудството.

Наодите и препораките од функционалната анализа беа презентирани од дел од тимот на експерти кои работеа на анализата, Жарко Хаџи-Зафиров, Елена Мујоска и Југослав Ѓорѓиевски.

Во вториот дел од презентацијата експертите заклучија дека судската власт функционира како дел од државниот буџетски систем односно нема свој одвоен независен буџет, додека набавките и вработувањата во судот се се’ уште  предмет на одобрување од Министерството за финансии, а истите не се реалзиираат навремено. Накратко се заклучи дека уште од 2010 година со утврдувањето на судскиот буџет од 0.8 % во Законот за судски буџет ниту еднаш судскиот буџет не е обезбеден во законски предвидената висина. Согласно тоа неминовно е преку соработка меѓу сите три власти да се влијае на подобрување на материјалниот и финансикиот статус на судовите и судската служба. Покрај наведеното беше заклучено дека постојните технички и просторни капацитети во судовите се недоволно развиени, односно судската инфраструктура вклучувајќи ги сите аспекти го нарушува непреченото функционирање на работењето на судовите. Недостатокот на материјални и човечки реусрси во судовите, доведува до потребата од итно ревидирање на систематизацијата на работните позиции во сите основни судови, односно постоечкиот број на човечки ресурси во судот не соодветствува со реалната потреба во целокупниот процес на постапувањето.

Во делот на отворената дискусија, судиите изнесоа дека неминовен е непосреден дијалог помеѓу трите власти, како и дека треба да бидат исполнети сите услови за непречено функционирање на судовите, како предуслов за квалитетно и ефикасно донесување на одлуки.

Gorica Nadjinska
Share
This