Претставници од ЦПИА на средба во Врховниот суд во рамки на иницијативата партнерство за отворено судство

На 7 мај 2025 година во Врховниот суд на Република Северна Македонија се одржа значајна средба помеѓу претставници на Партнерството за отворена власт (ПОВ) и членови на Советот за отворено судство. Фокусот на средбата беше унапредување на транспарентноста и отчетноста во судството.

Во името на граѓанскиот сектор, на средбата активно учествуваа Жарко Хаџи-Зафиров, ко-претседател на Советот за отворено судство и претставник на Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА), како и Никола Јовановски, исто така претставник од ЦПИА. Нивното присуство и ангажман претставуваат потврда за значењето на вклученоста на граѓанските организации во унапредувањето на отвореноста и интегритетот на судската власт.

Средбата беше организирана со поддршка на Секретаријатот за ПОВ, а присуствуваа и Пол Брејтвејт (регионален лидер за Европа), Сандра Пернар (виш регионален координатор), Метју Трамонти (службеник за истражување – Независен механизам за известување) и Гордана Гапиќ Димитровска (Национален координатор за ПОВ при Министерството за јавна администрација).

Во рамки на дискусијата беа презентирани постојните заложби на Врховниот суд за унапредување на отвореноста, со посебен акцент на подобрување на електронските алатки, пристапот до информации и транспарентното работење, согласно Акцискиот план за отворено судство 2024–2026 година.

Хаџи-Зафиров и Јовановски го потенцираа значењето на континуирана соработка меѓу институциите и граѓанските организации, како предуслов за постигнување системски и одржливи реформи во правосудниот систем, во интерес на граѓаните.

Ana
Share
This