Центарот за правни истражувања и анализи одржа промоција на компаративна анализа и документ за јавни политики за проверка на судии.
На 31-ви мај 2018 во Хотелот Парк – Скопје, Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) одржа презентација на „Компаративна анализа на механизми за проверка на судии во Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија“ и анализа и препораки за јавни политики „Можности и перспективи за подобрување на квалитетот на судството во Македонија (избор, оценување и разрешувањена судии)“. Промоцијата беше одржана во рамките на проектот „Компаративна студија за искуствата поврзани со процесот на избор и оценување во судството во младите демократии“ финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија.
Во својот поздравен говор Амбасадорот на Кралството Холаднија Н.Е. Вутер Пломп изрази надеж дека лекциите од фокус-групите со судии и искуствата од Западен Балкан ќе помогнат да се дизајнира механизам кој ќе поддржува професионално и непристрасно судство. Тој додаде дека презентација претставува уште еден чекор кон владеењето на правото – што ќе остане нивен приоритет како камен-темелник за демократија, економски раст и развој.
Последователно беше презентираната „Компаративна анализа на механизми за проверка на судии во Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија“ од страна на авторскиот тим Лидија Стојкова-Зафировска, Жарко Хаџи Зафиров и Мартин Сопронов, а во вториот дел од настанот беше презентирана студијата „Можности и перспективи за подобрување на квалитетот на судството во Македонија“ на која како автор се јави Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешна судијка во Европскиот суд за човековите права.
Во рамките на анализата за моделите на проверка на судиите беа презентирани примери од оние транзициски демократии (како што се Албанија, Босна и Херцеговина и Србија), кои дизајнираа и спроведоа ревизија-реевалуација и генерален реизбор-реименување на судии, што би можело да помогне во примената на модел во Република Македонија.
Особено беше нагласено од страна на авторите дека развивањето на критериумите за проверка на судиите, кои би биле проверливи, релевантни и утврдени низ посебни постапки, со гаранција за заштита на процесните права на субјектите, е од суштинско значење за успешноста на транзициската реформа. Овие критериуми понатаму треба да останат како водилка за вработување идни кадри.
Во студијата „Можности и перспективи за подобрување на квалитетот на судството во Македонија“, Мирјана Лазарова-Трајковска нагласи дека судството мора да биде целосно надвор од влијанијата на политиките и политичарите, за што особено е важна улогата на Судскиот совет. За независноста на судството важно е и прашањето за изборот на членовите на Судскиот совет, структурата на составот на Советот, но и професионалноста и етичноста на судиите.
Главните препораки од овој документ, се токму да се зајакне и да се подобри независноста на судството, на судските институции и на судиите, кои укажуваат на влијанието на политиката како проблем во правосудството.