Промоција на веб порталот Justice observers

Центарот за правни истражувања и анализи, поддржан од Британската амбасада Скопје го промовираше новиот веб портал justiceobservers.org .

Промоцијата ја отвори Никола Јовановски програмски менаџер во Центарот, претставувајќи го порталот како простор каде национални и меѓународни експерти ќе имаат можност да ги коментираат позитивните и негативните аспекти од пресудите на македонските судови.

Жарко Хаџи-Зафиров, програмски раководител во Центарот посочи дека оваа платформа е дел од новиот тренд во Европа за приближување на ставовите на повисоките судови до граѓаните, со цел истите подобро и полесно да бидат разбрани и ја објасни структурата на анализите кои ќе бидат објавувани.

На присутните им се обрати и судија Наташа Габер Дамјановски, директор на Академијата за судии и јавни обвинители. Таа го изрази своето задоволство за подготовката на веб платформата и напомена дека според неа една од најважните работи кои произлегуваат од оваа веб страна е отворањето на конструктивна дебата помеѓу стручната јавност. Притоа, судија Габер Дамјановска додаде дека со анализите од платформата Justice observers ќе се врати акцентот и на образложението на пресудите а не само на исходот од предметот.

Веб порталот justiceobservers.org е дел од програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Македонија“ која ја имплементира Центарот за правни истражувања и анализи а е финансирана од Британската амбасада Скопје. 

Gorica Nadjinska
Share
This