Промоција на документ за јавни политики „Како до ефективна административна правда“

Вестминстер фондација за демократија и Високата школа за новинарство и односи со јавноста на 15.11.2016 година во ЕУ Инфоцентар Скопје организираа панел дискусија: „Граѓански иницијативи за промена на закони“.

На панел дискусијата граѓанските организации чии законски измени беа избрани во рамки на проектот „Граѓаните во Собранието: Законодавни иницијативи за човекови права“ ги презентираа наодите од истражувањата кои ги реализираа во изминатиот период. Центарот за правни истражувања и анализи е дел од проектот со иницијативата „Како до ефективна административна правда“.

На панел дискусијата, Жарко Хаџи-Зафиров од ЦПИА го презентираше документот за јавни политики „Како до ефективна административна правда“ чија цел е да укаже на проблемот на неефективноста на управното судство односно неможноста граѓаните на брз и ефективен начин да остварат заштита или признавање на своите права преку управните судови. Идејата на документот за јавни политики е како да се поттикне зголемувањето на ефективноста на одлуките на управните судови како заштитници на правата и слободите на граѓаните од противзаконското и самоволното постапување на органите на државната управа.

Во документот детално се елаборира судската пракса, истражена или доловена низ перцепциите и искуствата на клучните фактори кои редовно се инволвирани во управните постапки. За таа цел, Центарот за правни истражувања и анализи реализираше квалитативно истражување употребувајќи методи на интервјуа, фокус групи и средби со релевантни чинители од областа на правосудството. Врз основа на одржаните средби на кои беа интервјуирани чинителите (државни службеници, поранешни судии со искуство во управни спорови, поранешни раководители од државната управа, претставници на граѓанскиот сектор и други), фокус групи со судии од управните судови (Вишиот управен суд), адвокати и правници специјализирани за управно право и граѓани кои се странки во управни спорови, како и постоечките анализи и документи кои ги имаше предвид тимот на истражувачи, заеднички заклучок е дека основа на неефективноста на управните судови лежи во помал дел во квалитетот на судските одлуки. Пред се, поголемиот дел се должи на недисциплината на органите на управата во почитувањето и спроведување на одлуките на повисоките органи и управните судови.

По направената анализа на моменталната состојба, Центарот за правни истражувања и анализи даде предлог дека е потребна измена на Законот за управни спорови и евентуална промена во Законот за инспекциски надзор.

Целиот документ за јавни политики можете да го прочитате на следниот линк.

Gorica Nadjinska
Share
This