На 3 декември 2015 година, во хотелот Холидеј Ин во Скопје, се одржа промоција на публикацијата „Унифицирање на судската пракса во Македонија: Можности наспроти предизвици“.
Промоцијата е дел од проектот „Поддршка за воспоставување на судска пракса во македонскиот правен систем“ имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи, поддржан од Британската амбасада Скопје.
На настанот присуствуваа повеќе од 30 преставници на релевантни институции и организации.
Настанот го отвори Лидија Стојкова Зафировска, претседател на Центарот за правни истражувања и анализи, истакнувајќи дека прашањето за воедначување на судската пракса во Македонија веќе подолго време се идентификува и наметнува како суштинско, не само за судовите, туку и помеѓу сите кои се вклучени во процесот, стручната јавност, а најмногу од сè граѓаните. Понатаму, таа додаде дека една од главните причини поради кои Центарот за правни истражувања и анализи се определи да се занимава со оваа тема е тоа што токму судиите во повеќе наврати ја имаат истакнато потребата од дополнителни расветлувања, појаснувања и насоки во поглед на прашањето за судска пракса и овој проект има за цел да обезбеди поддршка на тие заложби.
Министерот за правда, Аднан Јашари, ја именуваше анализата како иницијален акт и почеток на понатамошните активности за зголемување на значењето на судската пракса во нашиот правен систем. Тој го истакна значењето на Врховниот суд како највисок суд во Република Македонија кој го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите, преку донесени начелни ставови и правни мислења по одделни правни прашања кои пак доведуваат до унапредување на судската пракса и со кои се обезбедува правна сигурност кај граѓаните, а со тоа и доверба во правниот систем.
Британскиот амбасадор во Република Македонија, Чарлс Гарет, го посочи овој настан како добра можност да се одбележи важна пресврница во проектот кој ги таргетира промените во судството во Македонија. Истакна дека од овој настан корист имаат не само чинителите на судскиот систем, туку сите граѓани на државата, бидејќи градењето на посилен судски систем е од суштинско значење за демократијата во земјата, а судството е главна точка на секоја демократија. Тој заклучи дека Велика Британија, како дведецениски пријател на Република Македонија, ќе продолжи да ја поддржува во сите области на соработка, пред сѐ во обласите на судството, човековите права и демократијата, кои секогаш биле од особена важност.
Анализата ја презентираа националните експерти ангажирани од страна на ЦПИА, Александар Гоџо, адвокат од Охрид и Атанас Георгиевски, адвокат од Скопје. Двајцата експерти тесно соработуваа со Сер Робин Оулд од Фондацијата Слин и Питер Ѓортлер, поранешен судија на Виш суд, адвокат од Данска и предавач на Правната школа во Рига. Тие го истакнаа значењето на унифицирана судска пракса во Македонија и потребата од неа и го потенцираа вистинскиот тајминг на имплементацијата на овој проект.
По презентациите, во делот на дискусијата збор земаа претставници од Врховниот суд на Република Македонија, Апелациониот суд Скопје, Вишиот Управен суд, како и од останати релевантни институции и организации кои позитивно ја оценија анализата која беше презентирана, а воедно и ја нагласија потребата од овој проект, кој е од големо значење за правосудството во државата.
Публикацијата може да биде преземена на следниот линк.