Одржан семинар на тема Споделување на практични искуства на ЕСЧП vis a vis практичните искуства на одделите за судска пракса во Република Македонија.
Од 16-18 јуни беше одржан семинарот „Споделување на практични искуства на ЕСЧП vis a vis практичните искуства на одделите за судска пракса во Република Македонија“. Настанот беше организиран од страна на Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители и е дел од програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија“ која е финансирана од Британската амбасада Скопје.
На семинарот учество земаа судиите кои се раководители на одделите за судска пракса во рамките на своите судови како и стручните соработници кои работат со нив. Главен предавач и модератор на семинарот беше поранешната македонска судија во Европскиот суд за човекови права, судија Мирјана Лазарова Трајковска.
Таа пред се се осврна на значењето на судската пракса во работата на Европскиот суд и на судската пракса како гарант на правната сигурност. Понатаму, заедно со Велимир Деловски, поранешен правен асистент со ЕСЧП, а моментално дел од Бирото на владиниот агент за застапување на Македонија пред ЕСЧП, ја презентираа Методологијата на Европскиот суд за човекови права за користењето на судската пракса. Притоа, како поранешен Уставен судија во Република Македонија, судија Лазарова Трајковска зборуаше и за судскаста пракса како гарант на правната сигурност низ призмата на Уставниот суд.
Во вториот дел од семинарот, учесниците имаа можност низ интерактивен дел да ги споделат своите искуства од одделите за судската пракса, проблемите со кои се соочуваат, нивото на кое е развиена судската пракса во нивниот суд, како и кои се нивните реални потреби за да се олесни користењето и употребата на судската пракса. Практични и применливи искуства беа споделени од судија Мирјана со цел да се помогне нивната работа, и на крајот беа изведени заклучоци и препораки за подобрување на работата на овие оддели.