Во периодот од 14 – 16 октомври 2024 година, Центарот за правни истражувања и анализи и Македонско здружение на млади правници во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, во рамки на проектот “Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот”, спроведоа тридневна обука за обучувачи на тема “Заштита на лични податоци и право на приватност во онлајн просторот”.
Цел на обуката е да воспостави одржлива мрежа на судии и јавни обвинители кои ќе може да бидат идни обучувачи за заштита на лични податоци, право на приватност и човекови права во дигиталниот простор. Обуката ќе ја зајакне стручноста на учесниците и ќе им обезбеди неопходни педагошки и методолошки вештини за ефективно пренесување на овие теми. Избраните обучувачи ќе имаат клучна улога во поттикнување на континуирано учење и јакнење на капацитетите во правосудството за заштита на правото на приватност. Вкупно осум судии и јавни обвинители беа обучени за идни обучувачи за заштита на лични податоци и право на приватност во онлајн просторот.
Во рамки на обуката беа опфатени следните теми:
- Осврт на методи и начини на одржување на обуки
- Домашна правна рамка (генерална и специјализирана)
- Меѓународна правна рамка, вклучувајќи ја судската пракса на Европскиот суд на правдата и Европскиот суд за човекови права
- Посебен осврт на членот 8 од Европската конвенција за човекови права и тестот на пропорционалност
- Институционална рамка, вклучувајќи ги и механизмите за меѓународна соработка
- Влијанието на модерното време и новите технологии на заштитата на личните податоци и правото на приватност
- Упатство за спроведување практични вежби
Обуката ја испорачаа експертите за заштита на лични податоци, Игор Кузевски и Мануела Станоевска – Стоилковска.
Проектот “Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот” е финансиран од ЕУ, а имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи и Македонско здружение на млади правници.