Центарот за правни истражувања и анализи, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители во периодот од 7 до 9 јуни, 2022 година во хотел Рамада Плаза, во Гевгелија организираше средба помеѓу четирите апелациони судови и Врховниот суд на Република Северна Македонија, со цел подетално разгледување на правните прашања од кривична и граѓанска област кои се појавиле во судската практика на апелационите судови, во однос на кои е потребно да се усогласат ставовите со цел хармонизација на судската практика на Република Северна Македонија.
На почетокот на работната средба со поздравен говор се обратија Претседателката на Врховниот суд, судија Беса Адеми, Програмскиот менаџер во ЦПИА Жарко Хаџи-Зафиров и судијата Славица Мирковска од Апелационен суд Битола, како официјален домаќин на работната средба, која воедно претседаваше како модератор со работната средба на граѓанските оддели.
До учесниците беа доставени предложените спорни правни прашања кои претходно преку Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев Скопје, беа доставени на разгледување до граѓанските и кривичните оддели на апелационите судови.
На средбата се работеше на начин што најнапред претставници на апелационите судови беа поделени во две работни групи, на граѓански и кривичен оддел, во рамките на кои, секој суд кој го предложил спорното прашање се произнесување за истото, а потоа одделите на останатите апелациони судови ги соопштуваа нивните ставови и заклучоци.
Средбата овозможи отворање широка дискусија помеѓу сите претставници на судовите, овозможувајќи изведување конкретни заклучоци кои се во насока кон усогласување на судската пракса во Република Северна Македонија.