Тркалезна маса – Заштита од бучава во животната средина

Центарот за правни истражувања и анализи на ден 17.05.2023 година во рамки на проектот ,,Унапредување на квалитетот и одговорноста во македонскиот правосуден сектор”  организира тркалезна маса на тема – Заштита од бучава во животната средина. Проектот е резултат на континуираната финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството на Холандија во Република Северна Македонија.

На настанот присуствуваа претставници од МЖСПП, ДИЖС, МВР, МАНУ, општини  

и невладини организации кои се засегнати и се занимаваат со оваа проблематика.

Никола Јовановски, програмски менаџер на ЦПИА, во своето поздравно обраќање, се заблагодари за големата заинтересираност за присуство на настанот. Напомена дека идејата за тркалезната маса на оваа тема произлегла од веќе анализирани пресуди во рамки на истиот проект за веб сајтот Justice Observers. Тој потенцираше дека бучавата и последиците од подолгорочна изложеност на истата треба сериозно да се сфатат и дека е крајно време да се поттикнат промени. Бучавата влијае негативно и врз луѓето, но и врз животинскиот и растителниот свет. Лицата кои апсорбираат бучава подолг временски период се склони кон зголемен стрес и анксиозност, а евидентни се и последиците по слухот и нивната целокупната здравствена состојба.

На тркалезната маса, свое излагање имаше и Академикот Владо Камбовски, кој своето излагање го започна со коментар за елементарните услови за живот, посебно во градот Скопје, кој според него се доведени на минимум поради неконтролираната бучава која доаѓа од дискотеките, кафулињата, индустријата, а секако и од сообраќајот. Тој потенцираше дека нашиот Закон за заштита од бучава е пренатрупан и доста нејасен, што ја отежнува неговата примена во пракса. За разлика од нашиот закон кој наликува на проект од 30 страни, законите на земјите од регионот пр. Србија и Словенија не се многу обемни, но се со кратки, јасни и прецизни одредби кои лесно се применуваат во пракса. Во соседството министерството за животна средина има многу посилни ингеренции и свои тела, чија примарна задача е контрола на бучавата и нејзиното сведување во границите на нормалата. Кај нас вакви ингеренции имаат пазарната инспекција и МВР, а и двете тела имаат ред други задачи на својата листа, па така бучавата не им е на прво место.

За крај, Академикот Камбовски порача дека е неопходно да се зајакне министерството за животна средина и по примерот од Србија и Хрватска да се формираат инспекторати за заштита на животната средина со прецизни и широки надлежности.

Правниот експерт Жарко Алексов, го започна своето излагање со пораката ,,сите ние свесно и несвесно сме опкружени со бучава”. Тој цитираше наоди на СЗО, според кои бучавата е втората најголема еколошка причина за здравствени проблеми, веднаш по влијанието на загадениот воздух. Алексов ги претстави вредностите на бучавата во децибели (dB) и како секоја од нив влијае врз човекот и неговиот организам. Во продолжение, тој зборуваше за праксата на Европскиот суд за човекови права и пресудите кои се однесуваат на заштита од бучава. Според последните бројки, има повеќе од 300 пресуди кои се однесуваат на заштита на животната средина. Судот преку креативно толкување наоѓа начини да ги примени членовите за заштита на животната средина иако тоа не е изрично признаено како право. Како пример ја анализираше пресудата Олуиќ против Хрватска за која може да прочитате повеќе на линкот: https://justiceobservers.org/article/79316/63647/187 .

По завршувањето на излагањата на говорниците, голем дел од присутните се впуштија во дискусија и споделија дел од проблемите со кои се соочуваат институциите од каде доаѓаат. За нив најголем проблем е не функционирањето на системот, премалите санкции за прекршителите и начините на кој тие ги заобиколуваат казните. Побараа измени на Законот за бучава, креирање на инспекторати за контрола на бучавата, дислокација на дискотеките, поголема грижа за природата која се уништува со АТВ возила на организирани планински тури и поголеми санкции и забрани за вршење на дејност за прекршителите.

Ana
Share
This