ТРКАЛЕЗНА МАСА „УЛОГАТА НА СУДОВИТЕ ПРИ ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА“

На 2 декември 2024 година се одржа тркалезна маса на тема „Улогата на судовите при заштитата на животната средина“. Настанот беше посветен на неодамнешниот начелен став на Врховниот суд на Република Северна Македонија, со кој за првпат во земјата се утврдува дека државата има обврска активно да обезбеди здрава животна средина за своите граѓани.

Во рамки на тркалезната маса, претседателката на Врховниот суд, судијата Беса Адеми, и судијата Џемали Саити детално го претставија значењето и обемот на овој начелен став. Тие истакнаа дека судовите сега имаат јасна основа да бараат од институциите да преземат конкретни чекори за унапредување на квалитетот на животната средина.

Адвокатите Жарко Хаџи Зафиров и Александар Гоџо ги анализираа правните импликации на ставот, особено во контекст на аерозагадувањето, кое е еден од најгорливите еколошки проблеми во земјата. Тие го објаснија процесот кој довел до донесувањето на начелниот став и неговата важност за граѓаните кои бараат ефикасна правна заштита.

Професорот Борче Давитковски ја потенцираше обврската на Управниот и Вишиот управен суд да го применуваат овој став како задолжителен. Тој истакна дека управните судови сега можат да наложат на извршната власт да подготви и усвои национален план за подобрување на квалитетот на воздухот – документ кој недостасува повеќе од осум години. Дополнително, граѓаните, преку Законот за управни спорови, можат да бараат надомест на штета пред управните судови, а во случај на одбивање, правдата може да ја бараат во граѓански постапки.

Чекор напред кон еколошка правда!

Овој начелен став на Врховниот суд е значаен чекор кон усогласување со современите меѓународни правни стандарди и обезбедување на механизми за заштита на правото на здрава животна средина. Се очекува тој да има широка примена, поттикнувајќи поголема одговорност од институциите и посилна правна заштита за граѓаните.

Тркалезната маса ја обедини стручната и правната јавност, поттикнувајќи суштински дијалог за важноста на судовите како заштитници на еколошките права и доброто управување во областа на животната средина.

Тркалезната маса беше организирана во рамки на проектот „Добро владеење во животната средина на Зелена Агенда за Западен Балкан“, финансиски поддржан од Европската Унија.

Ana
Share
This