Тркaлезна маса – Вештачење и проблеми кои произлегуваат во судските постапки

На 10.10.2023 година Центарот за правни истражувања и анализи во рамките на проектот ,,Унапредување на квалитетот и одговорноста во Македонскиот правосуден систем’’ организира тркалезна маса на тема – Вештачење и проблеми кои произлегуваат во судските постапки. Проектот е резултат на континуирана финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Северна Македонија.

Никола Јовановски, програмски менаџер на ЦПИА, во своето поздравно обраќање се заблагодари за големиот интерес за присуство на настанот. Тој истакна дека идејата за тркалезната маса на оваа тема произлезе од измените во законите кои се однесуваат на вештачењето и дилемите во нивната практична примена.

Свое излагање имаше судија Љубица Колиќ од Основниот граѓански суд Скопје, таа ги потенцираше дилемите и предлог решенијата во однос на институтот вештачење во парничната постапка. Судијата нагласи дека едно од главните спорни прашања што мора да биде разрешено во судската пракса е дали судиите ќе прифатат вештачење со одговор на тужба, а не на подготвително рочиште или на прво рочиште од главна расправа. Според неа, прифатливо решение е ако било најавено вештачењето како доказ во одговор на тужба, а не било доставено, да им се даде можност на странките да го направат тоа најдоцна на подготвителното рочиште.

Судијата Колиќ го потенцираше и проблемот со примената на законите во судски спорови, а особено внимание посвети на одолговлекувањето на постапката кое на крај доведува до повреда начелото на судење во разумен рок.  Токму супервештачењето знае да биде причина за дополнително одолговлекување на постапката, а истото се спроведува поради постоење на целосно контрадикторни вештачења, особено карактеристика на сообраќајните незгоди. На самиот крај на своето излагање судијата Колиќ апелираше дека е неопходно да се дополни Законот за вештачење со цел негова примена во пракса, а потенцираше и дека дел од старите законски решенија може да одат во прилог на поефикасни постапки разрешени во разумен рок.

Судијата Габриела Гајдова од Основниот суд Велес го долови кривичниот аспект на вештачењето и зборуваше за дилемите, но и за решенијата во примената на Законот за вештачење во кривичната постапка. Таа потенцира дека за квалитетно вештачење потребно е да бидат обезбедени и при вештачењето да се имаат во предвид сите релевантни докази. Од тие причини, во случај на тешки кривични дела, на пример убиства вообичаено и препорачливо е на увид да се повикаат вешти лица бидејки вештото лице на лице место има можност непосредно да ги забележи трагите веднаш откако е сторено кривичното дело и евентуално да предлага извесни разјаснувања.

Судијата Гајдова, исто така, напомена дека освен што се инкриминирани дејствијата на вештаците за давање на лажен наод и мислење, со новиот Закон за вештачења е предвидена и дисциплинска одговорност и дисциплинска мерка – одземање на лиценцата на вештаците доколку нестручно или несовесно го вршат вештачењето во спротивност со правилата на науката и струката.

Свое излагање имаше и адвокатот Александар Гоџо, кој преку темелна презентација,  го долови вештачењето, односно неговата примена и карактеристики низ призмата на праксата на ЕСЧП. Тој зборуваше процесниот статус како и значењето на терминот сведок, кој според ЕСЧП, има автономно значење, независно од класификацијата во националното право и во својата содржина го вклучува сообвинетиот, жртвите, експертските сведоци и полициските службеници. Дополнително Гоџо потенцираше дека барањето за правично судење не наметнува обврска на судот да нареди вештачење или која било друга истражна мерка само затоа што странката тоа го побарала. Кога одбраната инсистира судот да сослуша сведок или да земе предвид други докази (како што е вештачење), судот е оној треба да одлучи дали истото е неопходно.

По завршувањето на излагањата на говорниците, присутните започнаа дискусија и споделија дел од проблемите со кои тие се соочуваат како судии, како и во која насока треба да се движат решенијата за да се обезеди праведно и навремено завршување на судските постапки, а со тоа и поквалитетен и одговорен правосуден систем.

Ana
Share
This