Центарот за правни истражувања и анализи како дел од проектот „Проект за добро управување со животната средина“ поддржан од Британската амбасада Скопје, на 9ти ноември 2021 во хотел Мериот ја одрдржа првата фокус група за подготовка на нов сет на кривични одредби во новиот Кривичен законик во однос на заштитата на животната средина со присуство на граѓански организации кои долги години се актвивни во борбата за зачувување на животната средина. Фокус групата беше во ко-организација со Блупринт групата за реформи на правосудството, каде како претставници ЦПИА, учествуваат во работната група за измени на кривичниот законик.
Самата фокус група беше конципирана како отворена дискусија на тема: „Нови и изменети кривични одредби во областа на заштитата на животната средина”. Во воведниот дел поздравни говори имаа програмскиот менаџер во ЦПИА, Никола Јовановски и претставник на Блупринт групата, Гоце Коцевски. Г-дин Јовановски ги запозна присутните со оваа компонента на проектот и елаборираше дека во соработка со тројца експерти беа изработени предлог измени на кривични одредби предложени од страна на работната група за измени на КЗ, но и предлог нови кривични одредби во областа на животната средина, следејќи ги примерите на околните држави, но и државите од ЕУ чиишто законодавства би биле апликативни и во нашата држава.
Г-дин Коцевски ги запозна присутните со работата на Блупринт групата, составена од 7 организации, која има за цел да ги следи реформите во правосудството и да учествува директно во процесите со намера да ги артикулира потребите на целокупниот граѓански сектор. Имајќи во предвид дека Блупринт групата не е само дел од работната група за измени на Кривичниот законик туку и дел од работната група која работи на измени на Законот за кривична постапка, нагласи дека секој предлог, препорака и идеа е повеќе од добредојдена за утврдување на недостатоците во кривично правната заштита на животната средина.
Во вториот дел, двајцата правни експерти, адвокатот Емил Мифтари и проф. Д-р. Олга Кошевалиска и техничкиот експерт, биологот Ана Чоловиќ Лешоска ја презентираат анализата на предложените кривични одредби во однос на ова прашање, нивните недостатоци, предлози за надминување на истите, како и нови предлог кривични одредби. По секоја одредба и предлог за нејзина измена беше дискутирано со присутните за нивните видувања и предлози. Дополнително на сите присутни им беа поделени работните материјали со цел во рок од 7 дена да можат на писмено да ги достават нивните коментари.
Дискусијата наиде на многу позитивни коментари за сработената работа на експертите, но и вроди во плодна дискусија со многу идеи од присутните.
Во однос на понатамошните активности, ЦПИА на 19ти ноември 2021 година ќе ја одржи втората фокус група со членовите на работната група за измени на Кривичниот закони каде ќе биде презентирана анализата на тројцата експерти заедно со предлозите добиени од граѓанските организации од првата фокус група.