Отворен ден за граѓаните на Кавадарци

Центарот за правни истражувања и анализи на 24 октомври беше во посета на Кавадарци каде што со помош на тим од правници го презентираше калкулаторот за пресметка на исплатливоста за споровите од мала вредност.

Калкулаторот им помага на граѓаните да ја проценат исплатливоста за поведување на спор од мала вредност. Споровите од мала вредност се предмети кои се од чисто граѓанска природа и во кои тужбеното барање се однесува за побарување во пари кое не го надминува износот од 600.000 денари.

Граѓаните беа информирани за конкретната состојба со оптовареноста на ОС Кавадарци по постапувања во спорови од мала вредност и во таа смисла ги информираше за потребното просечно време како и бројот на рочишта кои се потребни за судот во Кавадарци да постапи по нивното барање. Така на пример за поднесено тужбено барање на основ долг од 10.000 денари, на ОС Кавадарци би му требало во просек 105 денови за да одлучи, односно би го решил во 1.3 рочишта. Калкулаторот нуди проценка за тужбено барање во износ од 10.000 денари, односно произлегува дека 25% од вредноста на спорот се наменети за судските и адвокатските трошоци (односно вкупно 2.541 денари).

Програмскиот тим беше придружуван од двајца адвокати кои го презентираа калкулаторот и ги информираа граѓаните за исплатливоста на спорот во зависност од висината на износот, а ги советуваа и за можностите за постапување во иднина.

Калкулаторот е достапен на следниот линк: Калкулатор – Центар за правни истражувања и анализи (cpia.mk)

Анализата за економската оправданост на споровите од мала вредност за основните судови е достапна на линкот: https://cpia.mk/wp-content/uploads/2021/10/Економска-анализа-на-трошоците-и-придобивките-во-споровите-од-мала-вредност.pdf

Активностите за отворениот ден како и креирањето на калкулаторот се дел од програмата „Подобрување на транспаретноста, правната сигурност и ефикасноста на судскиот систем во Северна Македонија“, поддржана од Британската Амбасада Скопје.

Gorica Nadjinska
Share
This