На 3-ти и 4-ти октомври 2019 година во Будва, Црна Гора, претставниците од програмскиот тим на ЦПИА учествуваа на дводневна регионална конференција ‘‘Средба за партнерска размена во Западен Балкан‘‘ (Western Balkans Peer Exchange Meeting).
Конференцијата беше организирана од страна на Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA), Отвореното Владино партнерство (OGP), Владата на Црна Гора и Владата на Северна Македонија.
Целта на овој настан е да овозможи размена на искуства и практични решенија во поглед на имплементација на процесот на Отворено владино партнерство во државите, да овозможи подобро разбирање на процесот и основните услови за Отворено владино партнерство, да ги запознае учесниците со последните трендови кои се однесуваат на релевантни мерки на теми за Отворено владино партнерство заедно со презентации од регионални иницијативи од регионот како и да ги дефинира областите за заедничка интервенција во иднина.
На средбата присутни беа претставници од владите, министри, постари професионалци кои работат како национални координатори, професионалци вклучени во имплементацијата на иницијативата, вклучувајќи ги професионалците од ИТ секторот и граѓанските организации кои работат на Отворено владино партнерство од земјите во регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска, Црна Гора, Северна Македонија и Србија).
Отвореното владино партнерство ги препозна потенцијалот и важноста на проектните активности на ЦПИА во однос на иницијативата Отворено судство и ја поздрави и охрабри промоцијата на концептот на регионалниот собир. Оттука, како дел од панел-дискусијата ‘‘Отворено судство‘‘, претставник од ЦПИА ја презентираше иницијативата за Отворено Судство која е дел од програмата ,,Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судскиот систем во Северна Македонија‘‘ поддржана од Британската Амбасада Скопје.
При презентацијата беше претставена досегашната работа на ЦПИА и постигнатите резултати. Горица Наџинска од ЦПИА истакна дека досегашните истражувања на Центарот, вклучително и наодите од Првиот Национален Извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите во судството, овозможиле увид во сегментите во судството во коие поребно подобрување, вклучувајќи ја и потребата за поголема транспарентност и отвореност на судските институции.
Беше нагласено дека во спроведувањето на иницијативата „Отворено судство“ ќе бидат земени предвид извештаите на Европската комисија, Стратегијата за реформа на судскиот сектор како и достигнувањата на Владата од платформата за Отворено владино партнерство. Претставниците на ЦПИА истакнаа дека по постигнатиот успех со иницијативата за Отворен Парламент, иницијативата за Отворено судство ќе значи заокружување на процесот за транспарентност и отвореност на трите столба на власт.
Наџинска се осврна на континуираната поддршка на Британската амбасада во Скопје во процесот на судските реформи. Таа истакна дека целта на иницијативата Отворено судство во почетната фаза е да обезбеди проценка на моменталната ситуација во поглед на пристапот до информации во судството на Северна Македонија во согласност со утврдените меѓународни стандарди за Отворено судство. Целта е да се воспостават работни групи за развивање на акциски план за Отворено судство во Северна Македонија кој ќе биде дел од планот за Отворено владино партнерство на Северна Македонија. Презентацијата предизвика широка дебата на тема Отворено судство на Балканот, кадешто учесниците ги објаснија и споделија нивните гледишта и ставови на ситуацијата во однос на отвореноста на судствата на земјите во Западен Балкан. Имајќи на ум дека Отворено судство претставува нов концепт за Балканот кој сеуште не бил применет во овој дел на Европа, учесниците и претставниците на Отвореното владино партнество, на настанот ја нагласија важноста на проектот на ЦПИА каде што истакнаа дека е единствен, позитивен и инспиративен пример за сите останати земји од Западен Балкан.