Средба на судии од апелационите судови и Врховниот суд со Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев

Одржана работна средба на четирите апелациони судови и Врховниот суд на Република Македонија за хармонизирање на судската пракса.

Како продолжување на континуираната поддршката за воедначување на судската пракса во Република Македонија, Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, ја организираше средбата за хармонизација на судската пракса помеѓу четирите апелациони судови и Врховниот суд на Република Македонија. Средбата се одржа од 5 до 7 декември 2018 година во Струмица, а суд домаќин беше Апелациониот суд Битола. Во рамките на средбата, судиите разговараа за правни прашања од своите области и ги воедначуваа ставовите и мислења со цел да се хармонизира судската пракса на територијата на Република Македонија. Во дискусиите учество земаа и претседателот на Судскиот совет, судија Зоран Караџовски и претседателот на Врховниот суд судија Јово Вангеловски.

На вториот ден од работната средба, судиите остварија средба со Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и Заменик министерот за правда Оливер Ристовски. Премиерот им се обрати на присутните судии и потенцираше дека правото и правдата мора да бидат достапни за секој граѓанин, истакнувајќи дека извршување и реализацијата на правдата лежат во рацете на судиите. Притоа, премиерот се обврза дека извршната власт ќе преземе се што е нејзина должност за обезбедување на потребните услови за ефикасно функционирање на правната држава. Судиите имаа можност директно да разговараат со претставниците од извршната власт, да ги посочат проблемите со кои се соочуваат при нивната работа и да дискутираат за можните решенија.

Работната средба беше организирана во рамките на програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Македонија“ која е финансирана од Британската амбасада Скопје.

Gorica Nadjinska
Share
This