Промоција на Матрица за мониторинг на перформансите на правосудството во Република Македонија

Центарот за правни истражувања и анализи ја промовираше Матрицата за мониторинг на перформансите на правосудството во Република Македонија.

Матрицата е дел од програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети за судии и мониторирање на судски реформи“, поддржана од Британската амбасада во Скопје, а имплементирана од страна на Центарот за правни истражувања и анализи.

На промоцијата воведни обраќања имаа министерот за правда на Република Македонија Билен Салији, британскиот амбасадор Чарлс Гарет и Лидија Стојкова-Зафировска, претседателка на Центарот за правни истражувања и анализи.

Министерот Салији истакна дека Матрицата е од исклучително значење при процесот на мониторирање на перформансите во правосудството и притоа додаде дека оваа алатка ќе овозможи системско оценување на целокупниот перформанс во правосудството и ќе помогне при евалуација на реформите во овој сектор, што е важно за евроинтеграциите на Република Македонија. На крајот тој ги поздрави сите страни кои беа вклучени во подготовката на оваа Матрица и ги охрабри и за понатамошна соработка.

Амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет посочи дека Матрицата претставува голема корист за судските институции, но и за граѓаните во Македонија. Тој објасни дека со анализа на тоа како работи правниот систем во Македонија и со резултатите од функционирањето ќе се овозможи да се идентификуваат начини како тој да се подобри, со цел да се овозможи унифицирана примена на законите.

Претседателката на Центарот за правни истражувања и анализи, Лидија Стојкова Зафировска накратко го објасни целиот процес на креирање на Матрицата, притоа истакнувајќи дека Матрицата е модел на евалуација на правосудниот систем кој ќе ја устрои Македонија во европското семејство каде се востановени строги критериуми за следење на квалитетот на правдата и ефективноста на судските системи. Ова ќе ја подготви Македонија да биде во чекор со сите трендови и ЕУ стандарди, кои сега ќе бидат репери и за нашето судство.

Во вториот дел на промоцијата професорките Гордана Лажетиќ и Катерина Шапкова Коцевска, кои беа дел од тимот кој работеше на Матрицата, го презентираа правниот дел на оваа алатка и методологијата на спроведување на истражувањето и мерењето објаснувајќи дека идејата не е да се мери и оценува работата на секој судија поединечно, туку да се добие слика и оцена за целокупната состојба на судството во Република Македонија.

Матрицата за мониторинг на перформансите на правосудството во Македонија беше изработена од тимот на Центарот за правни истражувања и анализи – Лидија Стојкова Зафировска, Жарко Алексов, Александар Гоџо, Жарко Хаџи-Зафиров, Никола Јовановски и Горица Наџинска, во соработка со претставници од Министерството за правда – Славица Жерајиќ и Никола Прокопенко, претставници од Судскиот совет на Република Македонија – судија Мирјанка Гоцевска Стефковска и Анита Андоноска, професорите Гордана Лажетиќ, Јасна Бачовска, Катерина Шапкова Коцевска, Јелена Ристиќ и Беса Арифи, судија Мирјана Лазарова Трајковска, истражувачот и методолог Марко Трошановски, и меѓународните експерти Адис Хоџиќ, Реда Молиен и Тони Вукичевиќ.

Целосната матрица може да ја погледнете на следниот линк.

Gorica Nadjinska
Share
This