Промоција на анализата „Економска оправданост на споровите од мала вредност“

На 31 август во хотелот Мериот во Скопје, Центарот за правни истражувања и анализи ја промовираше анализата „Економска оправданост на споровите од мала вредност“.

Изработката на анализата е дел од програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети за судии и мониторирање на судските реформи“ финансирана од Британската амбасада Скопје.

Во своето воведното обраќање раководителот на програмата Жарко Хаџи-Зафиров истакна дека главна цел на анализата е да понуди процена на два вида трошоци кои се поврзани со споровите од мала вредност – трошоците што се на товар на државата и трошоците што се на товар на странката. Анализата ги опфаќа и сумира податоците прибрани од основните судови, Судскиот совет на Република Македонија и податоци добиени од интервјуа со судии кои судат спорови од мала вредност. Податоците се однесуваат на спорови од мала вредност процесирани во судовите во 2015 и 2016 година.

Во изработката на анализата учествуваа правници, истражувачи, адвокати и меѓународниот експерт за економија, статистика и обработка на податоци Адис Хоџиќ. При презентацијата на анализата, тој истакна дека со обработката на податоците и направената статистикaта се дава одговор на клучното прашање колку водењето на споровите и пристапот до правда го чинат општеството. Со самата анализа се овозможува увид во тоа колку рочишта трае еден спор од мала вредност во Скопје, а колку во другите градови, како и колку чини решавањето на еден спор во зависност од тоа пред кој основен суд се води. При аналирање на сите податоци, покрај судските такси, истражувачите го земаа предвид и адвокатскиот трошковник.

Заклучоците покажуваат дека за споровите чија вредност е пониска од 3.600 денари не е исплатливо да се оди пред суд. Притоа, во основниот суд Гостивар и Штип споровите од мала вредност најчесто се решаваат за 2 или повеќе рочишта, додека во Скопје се потребни три или повеќе. Следствено, водењето на спор од мала вреност во спор пред основниот суд во Гостивар или судот во Штип чини 15 проценти од просечната нето плата во Македонија, додека во Скопје чини 55 проценти.

Целосната анализа за економската вредност и оправданост на споровите од мала вредност можете да ја најдете на следниот линк

Gorica Nadjinska
Share
This