Oбука на Комисиите за увид и оцена на судиите

Имплементацијата на Методологијата за оценување на работата на судиите врз основа на исполентост на квалитативните критериуми за судиско работење продолжи со обука на судии кои се членови на комисиите формирани од Судскиот совет на Република Северна Македонија. Обуката беше спроведена во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи, а на истата присуствуваа судии од Апелациониот суд Скопје, Апелациониот суд Гостивар, Апелациониот суд Штип, судии од Вишиот управен суд и судии од Врховниот суд на РСМ. Овие судии ќе го спроведуваат вонредното оценување на судиите кандидати за унапредување во повисок суд, односно ќе извршат селекција и бодување на кандидатите кои се пријавени на огласите на Судскиот совет.

Методологијата за квалитативно оценување на судиите преставува нов модел на евалуација во кој како основен критериум при оценувањето е истакнат квалитетот на водење на судската постапка, кое понатаму упатува на своевидно зголемување на независноста на судиите од аспект на оценување на нивната работа, имајќи го предвид фактот дека оценувањето нема да го прави Судскиот совет како до сега, туку самите судии ќе ги вршат проверките на перформансите за квалитет на секој судија. Делот од Методологијата поврзан со селектирање на 5 предмети по случаен избор е инкорпориран во АКМИС системот, додека останатите 5 предмети на оценување од комисиите има право да ги предложи конкретниот оценуван судија.

Секој од десетте предмети ќе биде оценуван посебно од секој член на оценувачката комисија, со цел формирање една сумарна крајна оцена за работата на оценуваниот судија. Оваа законска новина овозможува да се земат предвид сите елементи поврзани со судиската работа и евалуацијата да биде спроведувана врз основа на објективни критериуми.

Наведеното ќе допринесе за унапредување на реалното оценување на судиите, со идеја за подобрување на независноста, обејктивноста и одговорноста во македонското правосудство.

Gorica Nadjinska
Share
This