Новинарска сторија: предизвиците на вештачењето во судската постапка

Квалитетот на доказите, долгиот процес за изработка на наодот, контрадикторностите во содржината и дефицитот на вештаци од специфични области се меѓу најголемите предизвици со кои се соочува вештачењето. Сето ова е на некој начин „отежнувачка околност“ за ова доказно средство кое е насочено кон дознавање на правно релевантни факти преку вештаци, кои поседуваат стручни знаења што ги нема судот или друг орган што ја води постапката.

Вештакот Перо Стефановски вели дека за квалитетно вештачење е неопходно на вештаците да им биде доставена комплетната документација составена од надлежните.

„Вообичаено, во кривична постапка постои поголема сеопфатност на доказите каде што покрај записникот за увид, скицата од местото на настанот, постојат и изјави, фото албум, записник од извршен технички преглед на возилата, евентуално видео запис, како и други докази. Во граѓанска постапка најчесто постои само полицискиот записник и скица од местото на настанот, додека, другите докази исклучително ретко би можеле да се добијат, освен на барање на Граѓанскиот суд, преку Основното јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи или со прибавување на кривичниот предмет. Иако во записникот за увид е наведенодека составен дел од  записникот за увид е и фото албумот, тој ретко може да се прибави. Оттука произлегува дека издавањето на записник за увид без фото албум е издавање на некомплетна увидна документација од страна на надлежните служби. Таквата состојба, во услови на недостаток на комплетните докази, отвора релативно поголем простор за вршење на различни анализи од страна на различни вештаци, појаснува тој.

Судијата Ненад Савески од Основен кривичен суд Скопје како најголеми предизвици при вештачење во судската пракса ги издвојува времетраењето на изработка на вештачење, нејасни или двосмислени мислења во содржината, соодветен вештак од потребната област, како и располагањето со релевантни докази на двете страни.

Судијката Љубица Колиќ од Основен граѓански суд Скопје, вели дека првиот предизвик од судската пракса се однесува на тужениот во постапката кој согласно законското решение може да достави вештачење со одговор на тужба. Ова, според неа, е краткиот рок предвиден за одговор на тужба од најмногу 30 дена во кој од многу објективни или оправдани причини, како што се обемност и непристапност до докази, не може да се изготви и да се достави вештачењето навремено.

„На овој начин тужениот се става во понеповолна положба од тужителот. Затоа во судската пракса се случува тужениот да го најави вештачењето во одговорот на тужба, но, да не може да го достави, па судот во секој конкретен случај треба да цени дали има оправдана причина за доцнење со вештачењето и дали дополнително ќе го дозволи како доказ во подоцнежен стадиум од постапката, иако не е доставено со одговорот на тужба“, вели таа.

За судијката Габриела Гајдова од Основен суд Велес, најгорливо е прашањето како судовите да постапуваат кога една од странките бара вештакот да дојде на главна расправа, а вештакот починал, трајно душевно заболел или станал недостапен бидејќи согласно член 387 став 3 од ЗКП, доколку вештото лице не биде распрашано на расправата, вештачењето не може да се прифати како доказ.

„Оваа безизлезна ситуација нема актуелно законско решение. Решение е понудено со измените на Законот за кривична постапка, кои сѐ уште не се донесени, а со кои се предвидува дека по исклучок, доколку вештакот или техничкиот советник  почине,  душевно   заболи  или  стане   недостапен   на државните  органи,   наодот   и   мислењето,   на   предлог   на   странката,  со одлука   на   судот,   може   да   се   прочита   од   страна   на   странката   која   го предложила, но на ова вештачење во целост или во одлучувачка мера, не може да се заснова осудителната пресуда“, појаснува Гајдова.

Адвокатот Мартин Бошковски вели дека најчесто вештачењата во постапката се субјективни и не навлегуваат навистина стручно во прашања кои не му се познати на лице кое нема технички познавања.

„Наместо тоа, вештачењата се само потврда на факти кои се очигледни и видливи од другите докази (пример вештачење за долг, каде што мислењето е збир на двете фактури). Дополнително на ова, особено сметководствено финансиските вештачења се користат како потврда за постоење на основ, а не анализа на висина за определен долг или штета“, вели тој.

Од Јавното обвинителство одговорија дека она што може да се увиди и да се посочи како неспорна слабост на постојниот систем е малиот број лиценцирани вештаци за одредени поспецифични области.

Супервештачењето како причина за дополнително одолговлекување на постапката

Кога сето горенаведено ќе ја остави постапката нерешена, судот посегнува по супервештачење. Ова вештачење од повисок степен го врши тим составен од  најмалку  тројца  вештаци  од  соодветната  област.

Судијката Колиќ вели дека супервештачењето во поголем број од предметите во судската пракса стана правило особено затоа што во најголем процент доставените вештачења од странките се спротивставени, односно контрадикторни, и ретко се усогласуваат, со што дополнително се обременува постапката со големи трошоци и истата станува неекономична и дополнително предизвикува одлагање на расправите што е спротивно на интенцијата на законодавецот за судење во разумен рок.

Спречување на одолговлекувањето на постапката, според Гајдова, може да се обезбеди доколку судот определувањето на супервештачење го третира како можност, а не обврска. Потоа, судот да определи разумен рок за изработка и секое непочитување на тој рок да биде казнето, и, исто така, правилно да се изготви и издаде Наредба за вештачење во која ќе бидат содржани сите прашања кои се битни за донесување на судска одлука.

Судијата Савевски потенцира дека за да се спречи одолговлекувањето вештакот треба да има јасни квалификации, односно да се назначи лице кое ќе даде најсоодветен вешт наод и мислење.

Стефановски вели дека тоа што секој што има лиценца за вештачење може да биде во тимот кој изработува супервештачење, може да претставува проблем во смисла на нивното ниво на стручно знаење, искуство и вештина.

„Имено, во практиката постојат случаи каде што двајца искусни вештаци со долгогодишно искуство, знаење, вештина, да имаат спротивставени вештачења, односно мислења во судската постапка. Секој од овие вештаци има направено анализа, образложение, теорија на случај врз основа на доказите со кои располагал и истите целосно или делумно да не можат да постигнат согласност во услови каде што секој има свое сопствено мислење за одредени околности. Во вакви ситуации судот определува супервештачење каде што во тимот ќе учествуваат вештаци со помало ниво на знаење, искуство и вештина од вештаците кои ги изработиле првичните вештачења“, образложува Стефановски.

Со проактивно постапување на судот во одреден степен, според него, може да се намали бројот на супервештачења и на таков начин барем делумно да се превенира оваа состојба.

Бошковски дополнува дека во постапката пред супервештачење, вештите лица, затоа што се ангажирани од своите странки, не го менуваат ставот дури ни во случај на дополнување.

„Сите овие чекори кои водат до супервештачење се само процесно направени, сѐ додека не се стигне до супервештачење. Потоа, постапката повторно се усложнува со тоа што на странките им се доставуваат фактури кои треба да ги исплатат, а вештите лица не работат (иако имаат судски налог) додека трошоците не им се исплатени. Се прави одново анализирање на предметот иако вештаците треба да се фокусираат само на разликите помеѓу вештачењата“, вели тој.

Преку увид на вештаците, до порелевантни докази

Гајдова вели дека во случај на тешки кривични дела, вообичаено е и препорачливо е на увид да се повикаат вешти лица.

„Ова е многу важно бидејќи вештото лице на лице место има можност непосредно да ги забележи трагите веднаш откако е сторено кривичното дело и евентуално да предлага извесни разјаснувања“, вели таа, дополнувајќи дека најповолно би било во вештачењето да се довери на вештакот кој бил присутен на увидот.

Од ОЈО посочуваат дека во одредени предмети, јавните обвинители, доколку оценат дека има потреба, бараат и стручни лица – вештаци да присуствуваат на увидот.

„Меѓутоа, дури и кога тоа не е случај, на вештото лице му се приложуваат сите релевантни докази кои ги обезбедило обвинителството со цел да се произнесе. Врз основа на дополнителни барања од вештаците, Обвинителството го дополнува доказниот материјал со цел да се добие стручно мислење“, велат оттаму.

Судијката Колиќ нагласува судот треба да внимава и доколку постои можност, да се обезбедат сите потребни докази пред да се определи супервештачењето, како дополнително не би се одлагале расправите.

Врската помеѓу „нарачателот“ на вештачењето и неговата објективност

Савевски е концизен дека судот не треба да учествува во ангажирање на вешти лица и не треба да излезе од својата неутрална положба во постапката.

„Тоа треба да биде на странките во постапката, а транспарентноста во вештачењето треба да е обврска на вештите лица“, вели тој.

Од ОЈО, исто така, велат дека евентуална можност судот да ги ангажира сите вештаци во предметот излегува надвор од начелата на кои е поставена кривичната постапка.

„Фактот што странките во постапката ангажираат вештаци за докажување на својата теорија на случај на никој начин не влијае на транспарентноста на постапката на вештачење. Уште повеќе, вештите наоди се важен сегмент на кој се темели целокупната истражна постапка и не би можеле да бидат исклучени од истрагата и да се префрлат во судската постапка“, велат тие.

Гајдова, од друга страна, вели дека праксата покажува дека има случаи да се изготвуваат „нарачани“ вештачења од страна на одбраната, и токму поради тоа смета дека доколку судот го наредува вештачењето, тоа би било пообјективно.

„Тоа се сите оние предмети каде вештачењата на одбраната не се прифатени од страна на судот и таквите одлуки на првостепените судови се потврдени од страна на повисоките судови. Од тие причини сметам дека доколку судот е оној кој наредува вештачење, вештачењата би биле пообјективно, но во моментот тоа не е во согласност со Законот за кривична постапка, вели таа.

Бошковски се надоврзува со тоа дека доколку обвинителството и одбраната немаат контакт со вештаците и нив ги ангажира судот, ќе придонесе кон транспарентно вештачење, меѓутоа, смета дека вака поставено правило не е целосно решение кога во спорот се инволвирани лица кои, како што вели, не поседуваат интегритет и се спремни да бараат вештиот наод да биде изработен на еден или друг начин.

За Стефановски контактот на обвинителството и одбраната или судот со вештаците самo по себе не мора да биде проблематично доколку сите учесници во постапката постапуваат совесно.

„Меѓусебната комуникација би можела да доведе до расчистување на одредени околности и доколку се комуницира транспарентно и совесно истата не би требало да биде проблематична. Низ моето долгогодишно искуство сметам дека на вештаците им треба поголема наобразба и едукација во областа на правото. Судската постапка е правна постапка во којашто вештаците се составен дел, па како дел од таа постапка би требало да имаат поголемо познавање на правото и на самата постапка“, вели тој, дополнувајќи дека процесот мора да биде двонасочен, односно и судиите, обвинителите и адвокатите да поседуваат одредена писменост во делот на вештачењето.

Преку конкретни чекори до подобра функционалност на вештачењето при судските постапки

Дел од препораките на судијата Савески за подобро вештачење е потребна поголема одговорност и земање превид на сите релевантни докази со кои располагаат и двете страни на постапката. 

Според Стефановски, повеќе работи би можеле да влијаат на функционалноста при вештачењето, помеѓу кои ги набројува проактивна улога на судот за утврдување на фактичката состојба и донесување на законита одлука врз основа на фактите и двонасочна едукација, едукација на екипите за вршење на увид и нивно современо опремување за да се добие колку што е можно поквалитетна увидна документација и докази.

Препораката на адвокатот Бошковски е вештите лица да бидат избирани исклучиво од судот и по електронски (случаен) избор. Според него, треба да се избегнува, особено во граѓанска постапка, да се прават вештачења за околности и факти кои можат да се заклучат од други докази.

Гајдова апелира да не се определува вештачење по секоја цена и да се доверуваат вештачења на високообразовни, научни и стручни установи, бидејќи тие, според неа,  се кадровски поекипирани и технички поопремени што, како што вели, е многу значајно за квалитетно вештачење.

„Да не се определува супервештачење доколку едното од двете вештачења е нецелосно, нејасно, контрадикторно само на себе или на изведените докази. Да се применуваат законските одредби кои предвидуваат кривична одговорност за давање лажен наод и мислење и да се применуваат одредбите од новиот Закон за вештачења во кој е предвидена дисциплинска одговорност за вештаците за која може да се изрече и дисциплинска мерка – Трајно одземање на нивните лиценци, и кога е потребно, да се повикуваат вештаците на увид на лице место, како би можеле да сугерираат кои докази и информации да се обезбедат, со што ќе се избегнат пропусти кои доколку се направат во фазата на увид на лице место, понатаму во текот на постапката не можат или многу тешко може да се отстранат“ нагласува таа.

Ana
Share
This