На 15.11.2023 Центарот за правни истражувања и анализи во рамки на проектот “Унапредување на квалитетот и одговорноста во Македонскиот правосуден сектор” финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје одржа тркалезна маса за ,,Статистика на водење судски предмети”. Потребата од тркалезна маса на оваа тема произлезе од не усогласеното водење евиденција на судските предмети во пракса. Согласно последните извештаи годишно 420 судии, решаваат околу 590.000 предмети. Ваквата превисока бројка на решени судски предмети не ја отсликува реалноста, од причина што не сите 590.000 предмети, се реално судски предмети. Со наметнувањето на норма за потребно решени предмети на месечно ниво, не се дефинира што всушност е судски предмет, па така голем број од судовите на територија на Македонија различно ги заведуваат предметите и многу често секое дејствие на судот се вбројува како судски предмет.
На тркалезната маса излагање имаше Сузана Варналиева во својство на долгогодишен искусен судски администратор, Варналиева потенцираше дека измените се неопходни и дека е крајно време да се дефинира и унифицира што ќе се води за судски предмет, а што не. Свое излагање имаше и претседателот на Апелациониот суд Гостивар, судијата Беким Мехмеди, кој се надоврза на ставовите на Варналиева и потенцираше дека нормата која им е наметната на судиите не е лоша идеја, но дека сепак мора да се направи пресек и дистинкција. Јасно е дека целта на секој судија е да биде ажурен, согласно предвидената норма, но не смее да се дозволи лажното прикажување, кое е особена карактеристика на голем дел од судовите на територијата на Северна Македонија. Меѓу другото тој предложи, нормата да биде различна за различни судови, согласно обемот на работа, приливот на нови предмети и бројот на заостанати предмети. На самиот крај свое излагање имаше и судијата на Врховен суд, Шпенд Деваја, кој за разлика од своите колеги не се согласува со потребата од поставување на горе споменатата норма. Тој истакна дека судиите се самите доволни свесни и одговорни за значењето на својата работа и дека не е потребно некој да им наметнува број кој тие треба да го постигнат. Токму од тие причини, тој смета дека за сметка на квантитетот се губи квалитетот и се прават почетнички грешки.