ТAIEX oбука за заштита на лични податоци и право на приватност наменета за правосудство

По повод Европскиот ден за заштита на личните податоци, Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници, спроведе дводневна TAIEX работилница посветена на заштитата на личните податоци и приватноста. Обуката беше наменета за судии, јавни обвинители, слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, како и претставници од Агенцијата за заштита на лични податоци, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда.

Целта на работилницата беше унапредување на знаењата на судиите и јавните обвинители во областа на заштитата на личните податоци и приватноста во дигиталниот простор, преку примена на Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR) и анализа на судската пракса на Европскиот суд за човекови права (ECtHR) и Судот на правдата на ЕУ (CJEU). Особена вредност на оваа обука беше учеството на европски експерти, кои ги пренесоа искуствата и насоките за примена на европската правна рамка за заштита на правото на приватност и личните податоци во дигиталниот простор. Ова овозможи непосреден увид во најдобрите практики од земјите-членки на ЕУ.

На обуките беа опфатени теми поврзани со правната рамка на ЕУ и Советот на Европа за заштита на правото на приватност, правната рамка на ЕУ за вештачка интелигенција, како и судската и јавнообвинителската пракса во Северна Македонија во заштитата на правото на приватност. Предавачи на обуките беа Г-дин Луиџи Монтуори од Агенцијата за заштита на лични податоци на Италија, Г-дин Гернот Пош, судија од Управен суд во Виена, Г-ѓа Тереза Мартинез Санчез од Агенцијата за заштита на лични податоци на Шпанија, Г-ѓа Едита Насковска, судија во Управен суд, и Г-дин Владимир Милошески, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство – Скопје.

Воведни обраќања на работилницата имаа Министерот за правда Игор Филков, Maриа Канелопулу, прв советник во Делегацијата на ЕУ во РСМ, Г-ѓа Ирина Трајкоска Стрезоски, директор на Академијата за судии и јавни обвинители, Г-дин Илир Исени, заменик директор на Академијата за судии и јавни обвинители, Г-дин Валентин Ветаџокоски, државен советник во Агенцијата за заштита на лични податоци и Г-ѓа Бојана Божиновска-Силјановска, претседателка на Македонското здружение на млади правници.

Заменик директорот на Академијата, Г-дин Илир Исени, истакна дека заштитата на личните податоци мора да биде цврсто втемелена во правниот систем и дека за тоа се потребни заеднички заложби, континуирано учење и примена на најдобрите европски искуства.

Г-ѓа Мариа Канелопулу го истакна значењето на усогласувањето со европските стандарди во заштитата на личните податоци и приватноста, како дел од процесот на пристапување кон ЕУ. Таа нагласи дека Европската унија има воспоставено цврста правна рамка за заштита на личните податоци преку GDPR, кој поставува механизми за заштита на приватноста на граѓаните. Додаде дека усогласувањето на Северна Македонија со оваа регулатива е суштинско за унапредување на владеењето на правото и зајакнување на институциите и дека правосудните институции имаат клучна улога во заштитата на овие права.

Министерот за правда, Г-дин Игор Филков, нагласи дека личните податоци се основен дел од правото на приватност, кое е гарантирано со Уставот и меѓународните документи, додавајќи дека ова право не смее да биде само декларативно, туку мора да биде заштитено преку ефективни механизми и санкции за неговото прекршување.

Директорката на Академијата, Г-ѓа Ирина Трајкоска Стрезоски, посочи дека технологијата напредува со неверојатна брзина, носејќи можности, но и значителни ризици од злоупотреба. Таа нагласи дека правосудниот систем мора да најде баланс помеѓу искористувањето на технолошките предности и заштитата на основните права на граѓаните.Говорејќи за усогласеноста со европските стандарди, таа го спомна случајот Д.Х. против РСМ, каде што Европскиот суд за човекови права утврди злоупотреба на лични податоци, а пресудата е потсетник за обврските на државите-членки на Советот на Европа да ги усогласат своите закони со европската јуриспруденција.

Г-дин Валентин Ветаџокоски се осврна на улогата на Агенцијата за заштита на лични податоци во спроведувањето и надзорот над законодавството за заштита на личните податоци. Тој нагласи дека агенцијата има клучна задача да обезбеди усогласеност со европските стандарди, но и да ја подигне свеста кај институциите, бизнис-секторот и граѓаните за значењето на заштитата на личните податоци. Дополнително, истакна дека е потребно да се зајакнат ресурсите и капацитетите на агенцијата, со цел да може ефикасно да одговори на новите предизвици што ги носи дигиталната трансформација.

Претседателката на Македонското здружение на млади правници, Г-ѓа Бојана Божиновска-Силјановска, ја нагласи важноста на соработката со Центарот за правни истражувања и анализи при подготовката на четири документи за јавни политики кои содржат клучни наоди, сознанија и препораки. Таа потенцираше дека како дел од ЕУ проектот “Eфикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот”, беше подготвен и Водич за заштита на правото на приватност наменет за правни професионалци, а во соработка со Академијата беше подготовен курикулум и беа спроведени обуки за судии и јавни обвинители.

Оваа oбука претставува значаен чекор во насока на унапредување на знаењата и јакнење на капацитетите на правосудниот сектор во областа на заштитата на личните податоци, со цел зајакнување на примената на европските стандарди и обезбедување правна сигурност за граѓаните во дигиталната ера.

Ana
Share
This